МЛАДОСТ НА СТАРИОТ МЕБЕЛ

Гламур Мебел

Вообичаено се вели дека секој предмет има вредност додека се употребува. Речиси нема дом, во кој уште не се најдува некое парче мебел од поранешниот бренд од југословенски рамки Црн бор. Некои од елементите се стари и по три – четири децении, а сепак се употребливи, иако можеби се со излупен лак, или пак со побелен мебел штоф.

Токму  вредност и младост на стариот мебел веќе 4 години му дава младиот, но инвентивен Панче Панески (26). Тој ја зголемува употребната функција на мебелот, му дава живост на просторот, го продолжува векот на троседите, сандалиите, каучите, софите, отоманчињата… Со неговите вредни раце, идеите, замислата, стариот мебел станува небаре извлечен од елитен, гламурозен салон за ентериерско уредување на домот, рестораните или пак службените простории. Махер е да ги поправи расипаните механизми на гарнитурите за спиење, а со употребата на дизајнирани, принт платна и модерни комбинации, го претвора стариот мебел во стилски украс. Ако гарнитурите имале долг век, тој има дава уште еден “живот”, затоа што при реконструкцијата користи квалитетни материјали.

Со претапацирање и прешприцување на дрвените делови од мебелот Панески се занимава 4 години. Се зафатил со перспективниот бизнис, оти немал избор за работа во Прилеп. Го сакал занаетот зашто е малку како уметност и креативност.

– Сакам сработеното на крај да излезе како замисленото, да се види вложениот труд. Тргнав како чирак кај Пеце, каде работевме исклучително за Битола. Учев две години, а останатите сам работев. Конкретно тапацер, значи мебелот на муштеријата да му го претапацираш во целост, да изгледа како нов, или да му понудиш нов производ доколку сака. Од старо во ново. На старото му внесувам душа, мој уметнички влог – објаснува Панески.

Занаетот не може да се знае сто отсто. Секој ден се открива нешто ново, модел, нов начин на изработка, нова технологија… Пред сé, треба занаетот да му лежи на мајсторот, да го влече и да го предизвикува работата. Битно е и трпението.

– Најмногу се тапацираат старите модели на каучи, со нова изработка, моделот да биде ист како пред 30 години. Се тапацираат каучи со штица назад, а не со повлекување. Од нив се изведува модерен тросед, или друго нешто, зашто опциите се неограничени. И конструкцијата да не е здрава, може да се смени. Од гарнитурите од Црн Бор, може да се сменат комплетно во рамките според желбата на муштеријата. Може и да се зачува истиот изглед или да се создаде нешто сосема поинакво – објаснува Панески.

Признава дека се заработува колку за живот. Вели дека тренд е црно – белата комбинација или бело – сивото. Шарите се избегнуваат. Комплетен мебел се бара со комбинација на еко кожа и платно.

– Материјали има, но најчесто се земаат од други градови. Има сé, шарафија, сунѓер, ефтин или скап. Колку пари, толку музика. Има некои кои ќе траат пет години, а некои издржуваат и над 10 години. Задоволен сум од бизнисот, но секогаш може да биде подобро. Ако не се трудиш, ќе тапкаш в место. Мора да се унапредуваш. Цените се во зависност од мебелот  и адаптацијата. Поефтини се од новите, а квалитетот е далеку подобар од нив – објаснува Панески.

Располага со голем избор на материјали, сунѓери, челик. Користи машини, но тежнее за подобри алати со подобар квалитет со кои ќе биде побрз, поквалитетен при реновирањето. Најважно од сé е што тргнува  муштериите да се задоволни, да го препорачаат, или повторно да го побараат. Не ги лаже муштериите, туку им кажува каков материјал ќе има, за да знае што може да очекуваат од изработката, да им се даде идеја и да им се покаже. Го следи трендот, преку посета на саеми за мебел.   

Loading