ЕДИНСТВЕНА ТОАЛЕТНА ХАРТИЈА И САЛФЕТКИ СО МК ЗНАК

Печатница Тирекс

– Со купување на наши производи се јакне сопствената национална економија

Наскоро од технолошката линија во огромниот модерен објект со 800 метри квадратни на печатницата Тирекс ќе излегуваат хартиени салфетки и тоалетна хартија. Станува збор за сопствено производство, кое е единствено во Македонија. Сите сегашни понудувачи на ВЦ хартија се од странство, а репроматеријалите ги купуваат од неколку производители од Европа, од каде се носи и во прилепската фирма на обработка.

– Набавуваме најквалитетна хартија во големи топовови во вид на ролна, која се обработува, се конфекционира и се пакува за малопродажбата. Пуштивме мало експериментално производство во неколку наши продавници. Откривме што недостасува во нашите производи, што е плус, што е минус. Ги корегиравме недостатоците, така што сега вадиме врвен квалитет. И одиме понатаму во технолошкиот подем, а со постојните линии можеме да ги задоволиме потребите на нашиот регион за две недели. Муштериите се задоволни и пробата се покажа за успешна – вели Влатко, еден од браќата Атанасоски.

Се очекува уште амбалажата и за две – три недели ќе парираат на големите брендови со хартија застапени во маркетите.

Марјан и Влатко Атанасоски им порачуваат на граѓаните да користат македонски производи, затоа што со тоа си помагаме и ја јакнеме националната економија.

– Во Македонија сме можеби единствена фирма со ваков капацитет, односно ваков асортиман на едно место. Покрај хартија, произведуваме и хартија за фискални машини. Сето тоа се прави на едно место, што го нема во друга фирма. Моментно сме ангажирани осуммина, а наскоро ќе се зголеми бројот на работниците на 15 лица – објаснува Влатко. 

Инаку, печатницата Тирекс постои од 1992 година. Печати материјали за различни коминтенти во стариот објект. Се очекува производство и на хартија за фотокопирање. 

Loading