ВИНАРИЈА СО РЕНОМЕ

Винарска визба Пирган

За виното велат дека е како и човекот, таман ќе поверуваш дека го познаваш, ќе изненади со нова убавина. Виното и животот се синоними. За добро вино треба врвна опрема за производство и големо познавање. А токму целата вистина за виното, и љубовта кон пијалокот кој доколку се пие во умерени количини е добар за здравјето, во себе ја собрал сопственикот на винаријата Пирган, Златко Пирганоски. Иако можеби е малку познато во Прилеп за капацитетот на визбата која се носи рамо до рамо со Стоби, Тиквеш и Попова кула, широката палета и асортиманот на врвни вина го имаат освоено македонскиот, а атакуваат и на странскиот пазар.

Веќе две децении Златко Пирганоски, кој по професија е правник, максимално е посветен на производството на сортни вина, проширувајќи го капацитетот зашто виното го третира како чедо.

– Виното е како детето. Треба да го негуваш. Почетокот е битен, зашто треба да му дадеш сé што треба за на крајот да се добие квалитет. Сé почнува дури од нивата, па се мели грозјето, се одделува ширата, после следи преточување, па ферментација која треба внимателно да се следи. Различно е за белите вина, на која температура треба да се ферментираат. Пред бурната ферментација има други процеси, се додава квас, како храна. Се ставаат скапи енолошки средства, ако се сака добар производ. Пред периодот на бурна ферментација има период на следење. Не смее да има висока или ниска температура, зашто може вкусот да појде во погрешна насока. Системот во винаријата треба постојано да се менува со термостат од 15 степени, со намалување или зголемување на температурата каде што се чува виното. Потоа се следи бурната ферментација. Се преточува без филтрација. Одреден период пак се следи тивката ферментација. Се обрнува внимание како шеќерот се претвора во алкохол. Ако е системот отворен, може да дојде до оксидација и алкохолот да се претвори во киселина. Затоа, посебно кај белите вина, целиот процес треба да биде во затворен систем, без ниту еден час на отворено – објаснува Пирганоски.

А да стигне виното во шише е долг процес. Трае една година, зашто треба да поминат фазите на бурна и тивка ферментација, груба филтрација, средна филтрација преку посебен филтер.

– Следи анализа па се оди на фина филтрација преку платно, и пред да се точи има стерилна филтрација. На овој процес му претходи стерилизација, која може да биде по природен пат што трае и до 3 години, а ако се има технологија во вид на фрижидер, што значи дека го пресекуваме не на вештачки начин. Потоа останува еден месец пак да одлежи. Тука луѓето се лажат. Мислат дека домашното вино е подобро, а не сметаат на штетностите. Кај нив може да се јави презаситеност на танини, а сето е штетно на организмот. Затоа се анализите и стерилизацијата – кажува Пирганоски.

Откупува од 500 000 до 800 000 килограми грозје. Производството го пласира во Македонија и сега има најави и за Србија. Полни во стакло од 200 гр., 0,700 л., 0,750 л. и од еден литар.

– Палетата на производи ја предводи една од најдобрите која само јас можам да ја обработам е Темјаника. Таа е кралица на сите бели вина, а му парира на црвеното Вранец. Таа има јаки ароми, но ако не си мајстор да ја изработиш, ќе појде во друга насока – објаснува Пирганоски.

Имаат веб страна, на која постојано пристигнуваат побарувања за вината, кака и покани за учество на саеми. Персепктивата ја гледа во стручната и младешката поддршка, кога во винарската визба ќе се вклучи синот Илија, кој студира винарство и одлично знае странски јазици.

Пирган произведува и текила, но на акцизна дозвола која бара специјални третмани и состојки. Пирганоски не е консумент на алкохолот, но има голема љубов кон алкохолните пијалаци, која опсесија му дава смисол на животот и ангажманот. 

Loading