КЛИМА НА ГОЛЕМО СЕМЕЈСТВО

Конфекција Баки Комерц

Успешно работи веќе 17 години конфекцијата Баки комерц со 55 вработени на Благица Макреска. А во таа работна средина под успех подразбираат редовно обезбедени работни ангажмани, редовна исплата на плати, релаксирана клима за работа и задоволни работници, како едно големо семејство.

Баки комерц произведува женска конфекција и тоа околу 80 отсто долни делови – панталони, здолништа и малку фустани, сакоа…

Во една смена, на сопствен простор од околу 2000 м2, по лон системот, целото производство се пласира за холандската фирма Карма Бела, која пак ги продава во Белгија, Франција, Канада…

– Идејата за бизнис дојде од големата желба да се докажам, дали можам да постигнам нешто сама. Да направам нешто за мене и за Прилеп. Стартот беше тежок, ама се успева со силна волја, без страв и, како жена, во конкуренција од мажи. Ме водеше преголемата желба, иако бев соочена со многу откажување како мајка и сопруга – кажува Макреска.

Во минатото биле препознатливи по карневалската облека. Целото производство било специјализирано за карневали.

– Постигнавме највисоки дострели со карневалската облека. Сметав дека тоа не е иднината. Оценив дека перспектива е модната програма на облека. Постепено се напушти “карневалот” и се ориентиравме на модерна облека – вели Макреска. 

Порано имало избор на работници за да се планира производство, а сега е мал изборот на квалификувана работна рака.

– Невработените сметаат дека конфекцијата не е добра. Мислам дека не е така, туку спротивно. Има доста креативен ангажман, каде секој би се пронашол со готовност и волја за работа. Нема притисок, има добри услови, нема некоја тежина. Не е срамота ди мажи да се конфекционери. Баравме 15 работници, а дојдоа две. Можеме да обезбедиме работа и за 50 луѓе. Фирмата стекна реноме за квалитет кај партнерите – вели сопственичката.

Таа не гледа конкуренција во другите фирми, туку смета дека клучот на успехот е меѓусебно помагање.

Баки комерц има тенденција да ја задржи постојната модна програма со можност за проширување. Претендира на повисок квалитет и цени, зашто располагаат со солидни технички и кадровски потенцијали. Подготвени се да одговорат на предизвиците. Желба им е сопствено производство, но нужно е време.

ИМА МЕСТО И ЗА ПОСТАРИ

– Не ги знаеме новите државни мерки за поттикнување на вработувањата. Ако има и постари лица, не би ги одбиле. Малку се тие кои сакаат да работат. Пред 10 години обучив 15 млади. Тие работат и напредуваа во кариерата. Веќе се на повисоки позиции – кажува Макреска. 

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГОСТИН

Градоначалникот Марјан Ристески заедно со Регионалната стопанска комора практикува неколкупати годишно да се запознава со атмосферата во бизнис секторот и одблиску да се упатува со проблемите. Тој ја посети фирмата Баки Комерц со цел локалната самоуправа да помогне околу вработувањата или просторните прашања. Зашто, локалните власти секогаш се во тесна врска со стопанството, што е во интерес на развојот на градот.    

Loading