КИНЕСКО ПРИЈАТЕЛСТВО

ОУ “Гоце Делчев” продолжува да ги развива и подобрува односите со Кина од 2011. година, кога на училиштето му беа донирани 400 000 евра за реновирање. Директорот, наставниците и учениците гледаат кон пријателството од друга димензија, не финансиска, туку лична, меѓучовечка.

На претставувањето на оваа азиска земја, преку сликите од изложбата “Прекрасната Кина”, учениците на кинескиот амбасадор му се обраќале на англиски јазик. Тоа ја воодушевило дипломатската делегација, па за Нова Година од претставништвото на оваа земја пристигнале десеттина ЦД-а, на англиски и кинески јазик, во кои се објаснува културата, традицијата, историјата и секојдневниот живот во најбројната држава во светот. На часовите по англиски и француски јазик, учениците подетално учат за Кина.

Поттикнати од убавиот гест, учениците изработиле новогодишни честитки и му ги пратиле нему. Кинеската работливост и хуманост веднаш проработила и возвратила со честитки со мотиви од нивната земја. Амбасадорот, во знак на повеќегодишната соработка, се заинтересирал за потребите и барањата на учениците, па им овозможил да го практикуваат “најкинескиот” спорт во светот – пинг понгот. Засега набавена е една маса со рекети и топчиња, а сигурно ќе следат и други. Пријателството меѓу училиштето и Кина, зачнато пред три години, тежнее да се круниса со посета на ученици во оваа земја.

ОУ “Гоце Делчев” може да се пофали и со еден друг успешно изведен проект. Со помош на локалната самоуправа од 900 илјади денари, реконструирани се надворешните скали со гранит. Изведбата има тројна намена. Како основно, зголемена е безбедноста, потоа од естетски аспект убаво изгледаат, зашто има место од страните за хортикултурно уредување, а страната што има поглед кон тениското игралиште е претворена во отворена трибина.     

Loading