ТАНТЕЛА ОД СРЕБРО

Филигран

Трудољубивоста на Величе Гокчева патиштата на животот ја насочиле да ги открива тајните на филигранството и да вади некој денар за својата фамилија. Таа, со фирмата Филигран, веќе шест месеци е куменџија, односно, производител на сребрен накит. Во неколку квадратниот дуќан во Старата чаршија блескаат, небаре уметнички дела – прстени, обетки, белезици, приврзоци, синџириња, кои главно се творби на нејзината инвенција. На дел од накитот поставува благородни и полудраги камења, рубини во различни нијанси, аметист, опал, оникс, корунт…

Кажува дека сопруг í Кире, кога ја загубил работата во Мермерскиот комбинат,  донесол примероци и почнал да витка сребрена жица како тантела, творејќи оригинални примероци на накит.         

– Сопругот инсистираше да пробам како оди постапката. Првин се плашев, а после открив дека не е тешко. Така успеав да создадам некои примероци. Постепено совладував некои фази со упорност и внимателност. Но, нужна беше надградба. Затоа тргнав да го “печам” занаетот шест месеци во Скопје преку занаетчиската комора. Тоа беше сугестија на наш пријател, оти во Прилеп нема мајстор за сребро – објаснува 45 годишната Величе.

Семејството Гокчеви набавило и машини за влечење сребрена жица и друга техника за создавање модерни и архаични модели на накит од сребро. Им недостасува уште печка за топење.

И ќерката Ангела помага во корекции на поставување на нови модели накит.

“Младиот куменџија” Величе кажува дека занаетот бара трпеливост и живци, како ортоми. Нема нервоза, брзање, туку е потребна внимателност и умешност, рамна на уметник.

– Нема два исти примероци. Евентуално, некој, ако нешто не бендиса и ако не се направиле нови. Така е можно да останат првобитните. И тие се една. Се бараат  уникатни примероци. Особено оние што ги разбираат, бараат префинети елементи. Некои сметаат дека се евтини. Оние кои малку познаваат накит велат дека е скапо и дека е бижутерија. Сепак, уште не сум доволно позната. Со време, ќе ме препознаваат – кажува Величе, која претендира да дојде до дополнителни извори на средства од државната поддршка и да го осовремени бизинисот со машини и друга ефикасна техника.  

Loading