Фурна Скипи
Семејството Павлоски ја одржува старата фурна под името Златно зрно во Врбеско маало веќе 29 години. Препознатливата традиционална фурна, под покровителство на фирмата Скипи, што ја знаат комшиите и постарите граѓани, такаречи не е згасната повеќе од половина столетие. Првин таткото, на денешниот сопственик Елвис, ја презел да го продолжи брендот на производството на леб на дрва пред речиси три децении. А од 2003 година, леб што го замирисува на мискојна целото маало, меси, пече и вади 40 годишниот Елвис.
Фамилијата го вадела лебот од лебот. Такаречи е “задоен” со леб. Во крвта му е фурнаџилакот.
– Произведуваме стандарден леб во повеќе форми. Капацитетите се зголемуваат. Константно оди нагоре, варијации и стагнација. Полека, внимателно се движиме напред. Лебот се печи на дрва и се дистрибуира во градов. Солидно се троши. За тоа сведочи сé поголемата побарувачка, иако е тежок период за бизнисот. Печеме леб и попладне за цел ден да има свеж, топол мек како душа. Граѓаните станаа пребирливи. Нивниот вкус и мерка за квалитет за нас е закон. Три децении се вечна борба на пазарот. Но, успешно се носиме и го тераме пекарството – вели Павлоски.
Продукцијата не е голема. Располагаат со слободен капацитет за повеќе.
– Ориентација ни е да го одржиме квалитетот. Ако се форсира квантитет, може да се одрази на квалитетот. Има конкуренција, но се држам до едно правило – со квалитетот никогаш нема да паднеш. Таа девиза ја одржува и унапредува фурната 30 години. Имало турбуленции, не било секогаш сјајно. Со квалитетот се излегува на површина, се одржува бизнисот и се напредува. Не го менуваме тој стил. Тоа за мене е оригинален, проверен тертип, со кој нема “утки” – ги пренесува Павлоски принципите на неговата бизнис филозофија, преземени од занаетот на родителите.
Вели дека лебот може да се пласира и надвор од градот, но уште есапи и прави калкулаци…
– Другите градови немаат фурни за леб на дрва. Овој тип е доста привлечен. Тоа ни е следна идеја за реализација. За брзо време ќе се операционализира. Не планираме проширување на асортиманот со други печива, за кои е потребна поинаква технологија. Така би се излегло од темелот. Тоа може да е само споредно или паралелно со лебот – објаснува Елвис Павлоски, додавајќи дека од голема помош му е сопругата.