“ТРЧАЊЕ” ЗА ВОДОВОД, ОДВОД …

Хидровод

Веќе три години фирмата Хидровод поставува водовод, одвод, соларни системи, грејни системи и електрични инсталации низ повеќе фирми и јавни институции. Слабо интервенираат на мали ситни домашни дефекти, зашто трошоците се високи. Со шест работници и со 30 години работно искуство зад себе во браншата, сопственикот Илија Петкоски изразува задоволство од “количеството” работни ангажмани, но акцентира дека е нужен многу напор и, како што вели, “трчање”.

– Добро се држиме со оглед на околностите, зашто нема многу градби во Прилеп. Добро стоиме во нашата, главно сезонска, дејност. Зимата не е лето. При ладните времиња ретко се гради и нема муштерии. Инсталираме системи за парно греење во зима. Системите за греење главно се на цврсто гориво или на пелети. Разликата не е голема, и зависи од изолацијата. Со добра изолација се губи само 30 отсто од енергијата. А во немалтарена куќа “бега” топлината. Со термо изолација многу е подобро. А во лете е “кнап”. Глава не се крева. Тешко се одговара на сите барања – вели Петкоски.

Специјалност им се инсталацијата на водоводни мрежи, одводи и поставување на пумпи.

– Со длабински пумпи ги покриваме Прилеп, Битола и Охрид. Тука немаме конкуренција. Работата е потешка и постручна. Изведувањето е наше, освен цртежите. Пумпите се поголема инвестиција. Ако водата е под 8 метри длабочина, мора да се постави длабинска пумпа. Оваа е само за вадење вода, како за бунари. Лете сме ангажирани и на поставување на соларни системи. Тие се привлечни. Ефикасноста зависи од вложувањето. Се користи, колку што се инвестира. Инвестициите се поголеми, ама на подолго се враќаат. Затоа се исплатливи, особено со тенденцијата на пораст на цената на струјата – објаснува Петкоски.

Работниците сега се ангажирани на водоводната и на одводната инсталација на новата катна гаража и на новата автобуска станица.

– Ориентирани сме кон работа за фирми. Со индивидуалци слабо деловно комуницираме, оти не излегува есапот со помалите инвестиции. Само да се ангажираат двајца работници и со автомобил да се појде за ситна работа чини две илјади денари. Тој трошок ретко кој може да го носи – вели Петкоски.

Според него, иднината на фирмата е во соларните системи. Нужно е повеќе да се експлоатира сонцето, а и други обновливи енергетски ресурси. Перспектива се системите за редуцирање на потрошувачката на електрична енергија.

СО ИЗОЛАЦИЈА ЕФЕКТНО ГРЕЕЊЕ

Петкоски од исксутвото кажува дека најпрвин се потребни зафати на изолација на објектот да биде ефикасно греењето. Нестручно изолирани објекти или објекти без изолација имаат загуби и поголема потрошувачка на енергија. А греењето е, колку ќе ставиш дрва толку ќе грее. Ако системот е поден, побавно загрева, ама подолго време ја држи енергијата. Подно греење се поставува само на нови објекти. Велат дека било штетно подното. Инаку, потрошувачката е речиси иста во споредба со радијаторите и другите грејни тела. Инсталацијата и материјалите немаат голема разлика. За 10 отсто е поскапо подното.

ФОТОВОЛТАИК

– Во село кај Демир Хисар, човек ни даде пумпа и фотоволтаик за струја од сонцето, како генератор. Поставивме систем од околу 30 вати. Сонцето е најисплатливо, но засега е скапо од него да се прави струја – кажува Петкоски. 

Loading