ЕКС ПРЕДИЛНИЧАРКА СТАНАЛА ТРГОВЕЦ СО ВОДОВОДНИ МАТЕРИЈАЛИ

Аквавод инженеринг

– Со кредит за самовработување, Валентина Дунимаглоска ја основала фирмата да го даде придонесот во семејството

Во потрага по егзистенција, поранешната предилничарка во  Политекс Валентина Дунимаглоска која по стечајот била ориентрана на тутун, ги засукала ракавите и храбро се впуштила во непознатите бизнис води. Одбрала да биде трговец со водоводни материјали, за парно греење и за соларни системи, без искуство. “Наоружана” само со  ум и желба да се придонесува во семејството кинисала во битката да не се биде на товар на останатите членови, едновремено и да ја ослободи државата од обврските кон неа како стечаен работник. Макотрпно, четири години, како преѓата во предилницата, го ткае бизнисот и го движи во нагорен óд.

– Само волјата, чесноста и трудот ме туркаа во бизнисот. За оваа дејност се определив, бидејќи сметав дека материјалите што ги продавам, иако не ги познавам, не се расипуваат да се фрлат и да пропаднам сосема. Го калкулирав волуменот на дејноста. И се обидов, сама, без поддршка. Помина проектот во Агенцијата за вработување за мојата идеја да вадам некој денар за леб. Тешки, ептен тешки беа првите чакори. Катастрофа. Луѓето не ме познаваа и честопати се пишманев во себе. Но, не кренав раце, туку се напрегав, се бодрев себе си и се надевав дека работата ќе тргне. Со мајсторите, постепено ги откривав елементите. Потоа тие нарачуваа, а јас ги пишував на ливче за нарачка. Иако сум жена, малку по малку, ги научив “машките” имиња на шрафовската стока. Гледам каталози и учам кој производ како изгледа, за кога ќе го нарачам да знам каков е – кажува Дунимаглоска.

Така опстанува и успева бизнисот.

– Го вратив кредитот од 180 илјади денари за отпочнување на бизнисот. Добра е идејата на владата за самовработување. Но бара многу труд и саможртвување. Внимателноста е битна, зашто треба да се пази да не се затвораат пари со многу стока. Затоа одам со мали набавки. Неделно стасува стока – ја пренесува  Валентина бизнис тактиката.

Бизнисот се раздвижува најмногу кога ќе се објават конкурсите за аплицирање за 50 отстотно субвенционирање на соларните системи. Според сопственичката, има периоди кога воопшто нема работа.

– Не располагам со капацитет за посериозни зафати за развој. Главно располагам со по неколу примероци, по еден на поскапите, колку за разгледување од материјалите. Нарачувам од големопродажбата да продавам на мало. Пример, имам само една славина. Ако муштериите побараат повеќе, нарачувам. Не планирам да ја зголемам палетата на понуда, зашто овие се бараат – вели Валентина.

Рецептот за успех е упорноста. Кога и да е, се исплаќаат трудот и преземениот ризик за кредитот. Задоволна е од продажбата на опрема за соларно греење, одвод, довод, бојлери, панелни радијатори и сл.

Посредник на муштериите и мајсторите

– Им служам и на муштериите како посредник со мајсторите. Ако купувачите не знаат каде да најдат мајстор ги упатувам и после сами се договараат и земаат материјали од кај мене – вели Валентина. 

Loading