ДРЖАВЕН ПРВАК ТРЕНИРА ВО ГРЦИЈА

Во ОУ “Кире Гаврилоски – Јане” учи осмоодделенецот – одликаш, Александар Рикалоски. Покрај омилените предмети, географија, математика и странски јазици, спортот му е на прво место. Одбрал да биде махер во пинг-понгот, следејќи го белото топче, без да му избега од вид. Со спортот со рекет и бело топче на мала зелена маса, се дружи од осмата година. Од почеток до сега е редовен на сите тренинзи со желба да биде светски пингпонгар.

Интересно е што, Александар дел од вежбите ги прави во соседна Грција со тамошниот клуб Сарисас во одличен амбиент и соработка. Покрај натпреварите во својата конкуренција, одлично настапува и за првата екипа на Младост 96 во првата пингпонгарска лига. Освоил еден куп медали, а најголем успех е златниот медал на годинешново Државно  првенство за основни училишта. Александар неодамна во Куманово го зел третото место меѓу пионерите. Во март се токми да се закити со злато на пионерското првенство.

Го бидува и во двојки. Со Христијан Иваноски двапати биле трети на пиедесталот. Годинава атакуваат на злато. Постојано учествува на турнири, а нареден негов поголем предизвик ќе е Новогодишниот меѓународен турнир во Нови Сад во конкуренција со пингпонгари од цела Европа.

Loading