ЛАСЕРСКО УВО ОД ГИМНАЗИЈАТА

Петар Маркоски од трета година во СОУ “Мирче Ацев”, под менторство на професорката Ана Велјановска освоил сребрен медал на саемот “МАКИНОВА 13”. На изложбата на пронајдоци, технички унапредувачи, нови производи и творештво на млади, Петар како млад конструктор – иноватор се претставил со проектот “светлински прислушкувач”. Во групи за основни и средни училишта,  гимназијалецот бил во дисциплината електроника уште со 30 конкуренти. Предуслов за влез на МАКИНОВА било освоено место на државниот натпревар за млади истражувачи.

Зад конспиративното име се крие “мистериозна” направа. Петар објасни како ја направил и која í е примената.

– Идејата ми дојде, гледајќи научно – фантастичен филм. Станува збор за двокомпонентен апарат за тајно слушање разговори од далечина. Во првата компонента се наоѓа мал микрофон и ласер, а посебен дел ги претвора гласовите во електро импулси и ги праќа до втората компонента, каде импулсите пак стануваат звуци и засилени се слушаат на звучник. Го тестиравме на далечина од 50 метри и функционираше беспрекорно. Со мала измена, обичниот ласер да се смени со ласер од режач на ДВД-а, со што радиусот на апаратот би бил околу пет километри – објаснува до детал Маркоски. Употребната вредност на производот ја гледа во праќање шифрирани пораки, пресретнување на разговори и аудио обезбедување на објекти од голема дистанца.

Успехот на Маркоски, повлекол и благодарница за менторот и за училиштето, а за него следи едногодишна претплата за магазинот за електро-техника Емитер.

Ученикот и менторот изразија благодарност за метеријалната и стручна помош од лабораторијата во Штип, каде се развивал и тестирал прототипот на ласерскиот прислушкувач.    

Loading