ОД КОЛОНИЈАЛ ДО АУТЛЕТ

Пано трејд

Малопродажната фирма за трговија со прехранбени артикли и дрогерија Пано трејд веќе 19 години се одржува низ немирните води на локалниот пазар. Сопственикот Пано Руневски вели дека ориентација е малопродажба, а големопродажбата се темели на компензации.

– Располагаме со четири продавници на мало. Главни артикли се прехранбени и дел се козметички во една од продавниците на Булеварот. Една е специјализирана за кинески стоки. Добро стоиме со размената на стока меѓу маркетите. Точно 20 вработени се ангажирани во фирмата, а носечки е маркетот во населбата “Димо Наредникот”. Добро котира маркетот на Рид на ул. “Валјевска” – вели Руневски.

Во тешки времиња на силна конкуренција од големите маркети се одолева на неповолните трендови. Поголемите бизнис ривали влијаат на пазарот и го собираат кајмакот, а за помалите останува живуркање и опстанок, колку за покривање на трошоците за кирија, струја, плати и придонеси.

– Подвиг е одржувањето на трговијата. Нужни се многу, многу работа и труд. Само така се успева да се спаси бродот од потонување. Конкурентските удари се сериозни, но кога целта е јасна се успева со мака и напор. Тоа е рецептот за одржување веќе 19 години и тоа е формулата за добро продолжение на нашата приказна. Имавме полесни периоди, а сега е напнато и сé повеќе тесно. Ако се земе предвид и зимскиот период што претстои, кога давачките ќе пораснат, тогаш уште посилно ќе се бориме со уште позасучени ракави – го пренесува деловниот амбиент Руневски.

Според него, влијателно, речиси носечко е искуството. Со времето се стекнуваат вештини за менаџирање.

– Големиот асортиман и ниските цени помагаат да се преживее и при раст на трошоците. Марифетите се проверени и позитивни. Кога ќе се стават во “игра”, односно во бизнисот со повеќе труд, ретко кој не успева. Разликата само може да биде во количеството на профитот. Тоа е “тајната” на опстанокот и шансите се постепено ситно развивање.  Искуството со продавници од ваков калибар е виза за продолжување на бизнисот – објаснува првиот човек на Пано трејд. 

Сите трговци ја сонуваат и бараат ланската година, оти секогаш велат дека од оваа немало бетер.

– Се справуваме со товарот на времето и имаме некој ситен позитивен напредок, симболично движење нагоре, кое не е гаранција за иднината. Сепак е база и знак дека со вложување на себе си, ефектите не можат да се прескокнат. Правиме калкулации со идеја за отворање на дисконт со пониски цени, како аутлет, налик на големиот Кауфленд. Локацијата е малку подалеку од центарот, но ќе биде добро ако се научат луѓето дека за пониски цени вреди да се потроши некој километар. Зашто просторот е наш и немаме трошоци за кирија. Ќе вработиме уште шест души и ќе бидеме единствени со ваков објект, обелоденува Руневски.

Пано трејд не само што опстојува веќе две децении, туку и успешно се проширува.

Loading