ГРАФИЧАРИ СО ПЕРСПЕКТИВИ БЕЗ ГРАНИЦИ

Една од многуте новини со кои СОУ “Ристе Ристески – Ричко” може да се пофали е и графичката струка. Да се тргне на патот за осознавање на тајните на графиката  и да се стане графички инженер и дизајнер, не значи само да се стекнуваат знаења во печатарските процеси, но и во денешниот техничко – технолошки развој на графиката. Ако го земеме за пример само интернетот, ќе се постават прашањата – “Кој би го осмислувал дизајнот на веб страните?”, “Кој би наоѓал спој на убавото и практичното?”, “Кој би им дал живот на фотографиите?” и сл. А, доколку пак ги земеме во предвид анимираните и класичните филмови со специјални ефекти, брендингот, графичкиот дизајн и друго, се заклучува дека перспективата на оваа струка е огромна.

Насоката графички дизајн во СОУ “…Ричко” се изучува веќе пет години. Иако е релативно нова, остава траги со многу успеси, резултати и постигнувања. Се формира актив каде графичарите учествуваа на денови на занаетчиството, МАССУМ, успешно реализираа неколку самостојни изложби, посетуваа изложби и културни настани и се забавуваа во процесот на учење.

Професорите Тони Палачаров, Александар Костадиноски и Марјан Наумоски ги следат најсовремените стандарди и методи за совладување на  содржините. Тоа се комбинации од забава и учење. Часовите се исполнети со нови интересни содржини. Паралелно, сите ученици од втора до четврта година посетуваат практична настава еден ден во неделата.

Сето тоа ја прави оваа струка многу перспективна и затоа постои голем интерес кај младите генерации. Тоа биле и причините што Драган и Дарко ја совладуваат графиката и дизајнот, а за Ивана, Андреа, Давид, Цветанка и Јованче најважен бил развојот на креативноста и стекнувањето на знаење од областа на уметноста и графичкиот дизајн. Кате, Пеце, Ирина и Милена Ш. откриле дека им е интересна разновидноста на часовите и можноста за работа насекаде во светот. Арта и Магдалена ги привлекува компјутерскиот дизајн, додека Диме, Андреј, Сара и Дајана сакаат еден ден да бидат врвни веб дизајнери. Ивана С. и Милена К. сакаат да изработуваат анимации за потребите на филмската индустрија, а Борче е веќе тргнат по стапките на неговиот татко и за брзо време ќе биде одличен графички инженер.   

Loading