ЕДНО ОРО

ОУ “Добре Јованоски”

Основното училиште во Тризла, одамна ги негува взаемните обичаи и традиции на Ромите и Македонците. Секој празник се слави обострано и се дели радоста. За Курбан Бајрам во училиштето се читаше краток реферат и се одржа пригодна манифестација. По часовите, ромските деца, одат дома и се подготвуваат да ги пречекаат соучениците македончиња. Осмоодделенците најчесто се посетуваат.

– Одлично се вклопуваме во заедништвото. Одиме на слави и веселби едни кај други. Секогаш сме добредојдени – кажува Рефиде Мусоска.

– Со баклави, тулумби и други слатки, нашите порти се секогаш отворени и возбудени ги очекуваме македонските другари да ги почестиме со тоа што го имаме на трпеза.Посебна чест ни е да им дадеме од курбанот кој го колиме, откако ќе го освети оџата – објаснува Тафи Алиоски.

– За празникот Курбан Бајрам, подготвуваме реферати и лични творби. Преку разглас им го честитаме празникот на ромските соученици. Тие доаѓаат кај нас за Велигден по шарени јајца, а ние одиме на слатко и сок кај нив за Бајрам. Заеднички го славиме Ѓурѓовден – вели Билјана Мрческа.

– Не сум бил за Бајрам. Сум заборавил, а сум бил канет. Сега ќе појдам да вкусам од печениот брав – курбанот, за кој сум слушал дека е многу вкусен. Сакам да ги откријам адетите, поврзани со празникот – рече Петар Јолески.

Во мултиконфесионалното училиште ОУ “Добре Јованоски”, има најмногу празници зашто се слават од двете вери. Така било од порано, така е сега. Заедничката дружба за празниците ќе продолжи и во иднина.      

Loading