БЛАЖИНА ОД ЖИТО

Здрава храна од Витанова Ки – Са

Малкумина знаат дека прилепската фирма Витанова Ки – Са е единствениот производител на Балканот на засладувач од жито, познат како малтекс. Фирмата е сопственост на сопружниците Александар и Сузана Стојкоски. Таа е плод на истражувањата и љубопитството на машкиот дел од семејството. Но, и на знаењето од Технолошкиот факултет. Покрај овој уникатен производ, сладок, без класичен шеќер со диететски карактеристики, направен од лушпите од разни житни зрна, од малата семејна фирма, крстена по првите слогови на децата, излегуваат десетина атрактивни и здрави диетални производи. По двегодишното присуство на пазарот, природниот единствен засладувач од жито е баран и препознатлив во супермаркетите и специјализираните продавници за здрава храна.

Фирмата се претстави и на саемот на кариерата и вработувањето. 

На Александар му е задоволство што работи во струката, создавајќи асортиман за конкуренција на пазарот. Фирмата е активен субјект со искористен грант од програмата за самовработување. Средствата ги вложиле во реновирање на просторот и за адаптирање по ХАСАП системот.

Ориентација им е здравата храна и диеталните производи.

– Произведуваме “житарко”. Тоа е наш бренд, познат во градов и Македонија како малтекс. Тоа е засладувач од жита. Суштината е во екстракцијата на најдоброто од житното зрно, при што се добива производ, сличен на медот по вискозитет и блажина. Може да се користи како мед во исхраната. Производот е без хемија, без шеќер, вештачки бои и ароми. Само од зрна со десетдневен технолошки процес. Тоа е носечки производ. Тој е компонента во другите производи од диетален карактер, како што се разни видови житарки, десерти, експандиран ориз, сусам… Од десетина производи, над половината се без класичен засладувач, туку со житен малтекс – објаснува Стојкоски.

Скромен е бизнисот, оти бара сложена технологија.

– Семејно сме ангажирани со сопругата. Децата не се ориентирани на ова поле. Ќерката е кинезитерапевт, а синот студира информатика. Затоа сме и производители и дистрибутери. Барани сме од поголемите фирми, како што се Виталија и неколку други – вели Стојкоски.

Тој објаснува дека суштината на продукцијата е во искористувањето на сите хранливи материи содржани во житата. Тоа се протеини, незаситени масни киселини кои значат живот и здравје.

– Човекот направил голема неправда кон себе си, одземајќи го од секое зрно жито само скробот, срцевината, а остатокот, најздравиот дел, протеините и минералите, ги користи за сточна храна. Белото брашно ја намалува хранливата вредност. Го преработуваме најздравиот дел од житото – кажува Стојкоски. 

Иднината ја скицирале во раст на техничките капацитети и проширување на асортиманот. Не можат да одговорат на побарувачката, поради ограничените технички можности. Технологијата е сложена, комплицирана и скапа. Не е лесен и брз подемот, зашто континуитетот на процесот бара 10 операции. 

Идејата потекнала од технологот Александар. Му било предизвик да создаде производ што го нема во земјава. Со заминувањето од Сладарницата, немирно “сонувал” и уште се носи со идеи за нови експериментални производи од рангот на здравата храна.  

Loading