НИЈАНСИРАНА ТОПЛИНА СО МЕБЕЛОТ НА НОВ БОР

Веќе десет години фирмата Нов бор на Горан Николоски успешно се пробива и веќе е идентификувана како претпријатие со реноме на прилепскиот и на околниот пазар. Причина за тоа секако е сериозниот, професионален и модерен пристап во производството на современо креиран мебел за кујни, дневни, спални, детски соби, трпезариски маси и канцелариски мебел. Освен тапациран мебел, мајсторите со искуство, според решение на архитект, а и според мерки на просториите, нудат дел од експонати, урнеците во салонот Марија на Варош. Ориентирани се на производство на ефектен и функционален мебел за семејните и деловните простории. Такаречи, на корените на татковите марифети, Горан со соработниците и сопругата Монализа го продолжува умештвото пренесено од неговиот родител Кирил, го надградува со вешти изведби на модерни креации како од публикациите на италијанските производители, користејќи најквалитетни материјали. Бидејќи работниот простор им бил тесен во дел од домот на Варош, семејството Николоски веќе располага со нов објект од 250 м2 во дел од некогашните простории на фабриката Билјана каде се инсталирани преси за сечење иверици, медијапан…
Специјалност им е прскањето (шприцање) во различни бои со полн сјај без ниту една дамка на медијапанските плочи.
– Горан го совлада занаетот со следење и подучување од татко му. Веќе десет години го тера бизнисот со упорна работа, вградувајќи новости во дослух со времето и потребите на муштериите. Според вкусовите на потрошувачите се вградуваат топли и нежни бои, квалитетен природен и друг материјал, таман, без да фали ни дел од милиметарот – објаснува Монализа.
Нема што не можат да изработат, освен гарнитури за седење, фотелји и столици.
– Доста голем е интересот за нашиот асортиман. Познати сме во градов и околината, бидејќи носиме 40 годишна традиција на свекор ми. Правиме спални, детски, маси, комоди… Буквално сé. Тапацирано не изработуваме, но ангажираме тапацер, ако треба некој дел од спална да се тапацира. Не изработуваме само столици – кажува Монализа.
А дела со кои се гордеат, ги красат хотели, ресторани и други слични угостителски објекти. Врв им се шанковите и рецепциите во хотелите Салида, Кристал Палас и повеќе други кафетерии.
За плаќањето, главно се практикува 50 отсто капар, а остатокот по поставувањето на мебелот во домот. Нашите сограѓани не им се единствени купувачи, туку се препознаени и прочуени во Битола, Кавадарци и околните села. За докажаниот квалитет сведочи понудата за соработка со две трговски фирми со мебел.
Претендираат проширување на понудата. По неколкуте обиди за продажба на туѓи трпезариски столици, очекуваат воспоставување соработка со друга македонска фирма. Поубедлив ќе е впечатокот на муштериите кога, покрај трпезариските маса на Нов бор во салонот, ќе се постават различни дизајни на столици.

Loading