ОТВОРЕНИ ПОРТИ ЗА СИТЕ ФАКУЛТЕТИ

СОУ “Ристе Ристески Ричко”
СОУ “Ристе Ристески Ричко”, последниве две години е сé поатрактивно. Сé поголем број на тинејџери седнуваат зад клупите. Тоа се должи на професионалниот кадар, но и на мноштвото струки за избор. Меѓу најпривлечните се компјутерскиот дизајн и сообраќајната струка.
Професорката Весна Петреска им предава на идните техничари за шпедиција и транспорт и техничар за патен сообраќај. Од многуте ученици, Менде Стојаноски, Михаил Талески, Викторија Петровска, Кети Маѓерова и Мартина Маркоска “ја отворија душата” и ги открија мотивите за идната професија. Некои ги соопштија идните кариерни планови.
Менде го влечела оваа струка од основното училиште. Добро се снаоѓа со предметите и во иднина се гледа како питомец на Воената Академија, каде би му одговарал профилот воена полиција. Соученикот Михаил истакна дека со дипломата ќе му бидат отворени вратите до сите факултети. Мартина е заинтересирана за криминалистика. Кети Маѓерова, од Градско, се решила за ова училиште зашто родното место í е во близина на Кавадарци и Неготино, каде винариите имаат потреба од образовани кадри за шпедиција.
Учениците од втора година не се каат за изборот. Многумина во основно биле носители на награди по предметот техничко образование.
Годинава ќе почнат да посетуваат практична настава во железничката, автобуската станица и во поштата. Професорката рече дека таму ќе видат на дело, тоа што теоретски го учеле. Предметите логистика, патен, железнички сообраќај, каско и карго осигурување им одат одлично, но потребно е совладување на меѓучовечките односи, нешто што ќе го учат на феријалната пракса која ќе трае една недела по учебната година.

Loading