НА УЧИЛИШТЕ КАКО ДОМА

ОУ “Гоце Делчев”
ОУ “Гоце Делчев” е единственото училиште во кое на учениците од прво до петто одделение им се нуди продолжен престој. Наставничката по одделенска настава Галка Гаврилоска објасни дека по барање на родителите, секое дете може да биде под постојан професионален надзор.
– Родителите кои од било кои причини не можат детето да го остават некој близок, дедо или баба, да се грижат, ги носат децата, бидејќи знаат дека нивните деца се во сигурни раце од осум до 16 часот. Има деца кои доаѓаат порано. Тие се прифатени од друга наставничка до осум часот. Сонливите дечиња можат да продолжат со спиење во опремената просторија со кревети. Родителите треба да платат само симболична сума за храната, која се дава во два оброци, а останатото е бесплатно – истакна Гаврилоска.
Во пријатна атмосфера, децата ги пишуваат домашните задачи, читаат енциклопедии и книги, приспособени за возраста. За да не им биде цел ден исполнет со учење, се забавуваат со образовни програми на малите лаптопи, излегуваат на кратки прошетки, гледаат ТВ, или некоја детска серија на ДВД.
Целиот процес е по прописите на Министерството за образование, а продолжителниот престој е во постојана соработка со стручните служби, психолог, педагог, логопед и сé што ќе притреба во соработка со Центарот за социјални работи. Бројот на деца не е постојан, туку се менува по барање на родителите во текот на учебната година. Капацитетот е оптимално уреден за 35 деца, а наставничката Гаврилоска рече дека се постигнува максималниот број деца во текот на годината.

Loading