МУШТЕРИИТЕ ОД МЕНЕ НАПРАВИЈА УГОСТИТЕЛ

Боеми – Гостилница Евро кај Влатче
Вкусна храна е карактеристика на угостителскиот мајстор со 27 годишно искуство Влатче Ѓорѓиоски со фирмата Боеми гостилница Евро кај Влатче. Повеќе од 15 година, тој е кираџија на адаптираниот угостителски објект специјализиран за големи семејни веселби во дел од фоајето на Ц.К. “Марко Цепенков”. Неколку години веќе е сопственик на пријатниот амбиент на гостилницата со шеесетина столици кај Факултетот. Вели дека се наметнал со трудољубивост од дете, а сега создал семејна фирма во која сопругата е носител на кујната и специјалитетите на скара и другите гурмански задоволства, дури и за џимрии, односно пребирливци. Стекнатите кулинарски умештва од ортаклукот со неговиот до неодамнешен партнер Љупчо Киселоски и впивањето на “занаетчиските” вештини, се продолжуваат се надградуваат и примамуваат муштерии, кои густираат и уживаат во мајсториите на семјството на Влатче.
– Маката ме научи да бидам угостител од мал. Останав без еден родител, а судбината ме втурна во суровата реалност. Со многу напори, непреспиени ноќи како келнер, собирав чаши и пепелници при крајот на осумдесетите години. Вадев леб. Со неколку годишно искуство и амбиции открив дека е можно да се напредува преку сопствен ресторан. Со Киселоски се заортачивме и години работевме без кавга и без расправија се разделивме. Тој ја тераше кујната и храната, а останиот дел беше на мој грб. Ги вклучивме семејствата. Муштериите препознаа квалитет. Стекнатата доверба, коректност и љубезност двајцата ја ползуваме сега во посебни фирми – вели Ѓорѓиоски.
Имал и кафуле, ама првото приватно искуство не завршило славно. Но, ако кај кафетериите немал “среќа”, му се отворил патот кај подготовката на храна.
– Респектиран од околината, човек кој се грижи за иднината на семејството и работлив, ја одржувам и ја осовременувам фирмата со реноме. Задоволен сум од бизнисот во двата објекта, макар што градот има традиција да не прави свадби во пости и не се работи четири месеци. Гостилницата кај факултетот тргна и држи добро темпо со оглед на локацијата. Регулативата малку тежи, но ги почитуваме прописите и во оваа силна конкуренција – вели Влатче.
Открива дека рецепт за успешност е комуникативноста, чесноста и позитивноста.
– Плус е ако некој има и харизма, односно природна дарба за занаетот. Заедно со ефикасноста и квалитетот, се создава комплетна понуда, на која муштерите тешко можат да одолеат. Овие морални норми ги научив од муштериите. Тие од мене создадоа асли угостител, а јас постојам за нив. Секогаш на ум ми е девизата дека тие не знаат да згрешат и се секогаш во право – вели Влатче.
Рамо до рамо во бизнисот му е сопругата Мими. Таа е столб на кулинарските совршености. Последниве години полека се вклучува и му помага во помасовните обврски и неговиот малолетен син Дејан, кој паралелно и работи и учи.
Влатче ја посакува конкуренцијата, оти го турка во секојдневна нова битка за освојување муштерии. Ги посакува конкурентите. Спремен е да се бори за муштерија со колегите во чесна борба. Тоа го држи во чекор со времето, го мотивира во внесувањето на новини. Затоа рестораните блескаат и се секогаш полни со задоволни гости.

Loading