УЧИЛИШЕН БЛЕСОК НА ВАРОШ

Почна новата учебна година                         

Почетокот на новата учебна 2013/14 г. беше повод да се пушти во употреба реновираното училиште на Варош кое е во склоп на ОУ “Блаже Конески” и да се изведе централната свеченост за стартот во новата трка за знаења. На церемонијата беа присутни сите директори на основните и средните училишта, советникот за образование во ЛС, Марјан Матракоски, градоначалникот Марјан Ристески, претседателот на Советот, Никола Димески, пратеникот Ане Лашкоска и голем број варошани.

Нов лик доби најстарото училиште, изградено 1924-та година. Првата реновација била во 2008 г., а со последнава, која чинеше скоро два милиони денари, комплетно е сменета надворешната и внатрешната дограма, има нова фасада, училниците се реопремени со нови столчиња и клупи, покривот е целосно нов, а ставено е и модерно централно греење, па постарите варошани едвај го препознаа објектот во кој на времето се образовале.

Честитајќи им ја на првачињата новата учебна година, градоначалникот Марјан Ристески рече дека со реконструкцијата е заокружен процесот на обновување на старите училишта. Примарна задача на ЛС останува континуираното вложување во образованието. Тој ќе се заложи училиштето да добие статус на посебно, па ќе добива пари и од Министерството за образование, покрај средствата од ЛС. Ристески најави дека ќе се смени и името на училиштето во “Крал Марко”.

И другото старо градско училиште – подрачното на ОУ “Кочо Рацин” на Рид, ќе се прекрсти во “Цар Самоил”. Тој даде збор дека на ОУ “Крал Марко” ќе се додадат игралишта, осветлување и нова ограда.          Ристески информира за намалениот број на првачиња во секоја паралелка. Единствено повеќе првачиња има во ОУ “Добре Јованоски”.

Претседателот на Советот, Никола Димески, вети дека за две години ќе биде решен секој инфраструктурен проблем во Варош и ќе се вложува во градбата на спортската патека “Крал Марко”.

Loading