БИЗНИС ПОРАДИ МЛЕКО

СТИЛ БТ

Фирмата Еко сервис БТ, или Стил БТ на браќата Тале и Блаже Смилкоски е создадена со распадот на Микрон. Веќе 18 години преокупација им е сервисирањето на електромотори, со акцент на роторите на рачните алати на мајсторите, но ги “фаќаат” и статорите на сите видови електромотори кои имале дефект, почнувајќи од пумпи за вода, за машини, па сé до мотори за лактофрези и други машини по селата.

Бизнисот со винклување тргнал од немајкаде. Микрон пропаѓал, а постариот брат Тале немал пари да купи вештачко млеко за новородениот  син кој го чекал четири-пет години

– Едвај даваа по 100 марки. Купував млеко од аптеките. Во почетокот на деведесеттите години, кога го немаше млекото, успеав да нарачам неколку кутии од Загреб. Цела плата одеше за млеко, дури и позајмував. Размислував, да одам на брод, да работам во Грција… Во меѓувреме, поправав машини за перење за пријатели без пари. На пријател му побарав да ми плати половина, оти детето немаше што да јаде. Ни на крај на паметот не ми беше приватниот сектор. Сосема на нула, со искуството од Микрон, отворив нешто приватно што го познавам, а тоа беше винклувањето електромотори. Барав нешто што малку се работи, ризикот да биде најмал, да немам конкуренција и да бидам посигурен во успехот – кажува Тале за почетоците.

Купил машина од Србија со позајмени 4000 долари од пријател.

– Ми ги даде на рака, без да праша кога и како ќе му ги вратам. Со машината, тргна работата чекор по чекор. Тешко одеше пробивањето, оти приватните фирми беа новина. Се ориентиравме на ротори за цела Македонија. Одевме двапати неделно во Скопје за нарачки. До ден денес тоа го работиме, иако нема голема заработувачка – констатира Тале.

Со брат му ги конструирале сами дел од машините. Создале машина за заварување, машина за намотување на ротори…

– Грк од Солун се чудеше дека сме конструирале и направиле сами машина за премотување на ротори. Ја бендиса и му продадовме една. Тој донесе уште двајца муштерии за машини – се сеќава Тале.

Браќата имале перспективни проекти, но здравјето на Блаже се влошило многу и работи се испуштиле.

– Најдовме човек од доверба и аплициравме на тендер за електро инсталација. Станува збор за надворешно осветлување на објекти, нешто што би останало за век и веков. Ќе понудиме осветлување на градскиот саат како Ајфеловата кула во Париз – завршува Тале, додавајќи дека е среќен што покрај семејните здравствени тешкотии, децата го следат бизнисот. Едниот син веќе студира електротехнички факултет и се носи со идеи за производство.

Иновација      

Фирмата е појдена некој чекор напред со адаптирање на монофазен во трофазен мотор, кој полесно ги трпи оптоварувањата. Селаните се жалат дека им се расипуваат моторите, трпат штети и ги доведуваат во опасност производите поради нискиот напон.

– Во селата има низок напон на струјата. Земјоделските машини поврзани со движења на монофазни електромотори со иновацијата ги претворам во трофазни да бидат функционални и на понизок напон – кажува Тале.

Loading