БРАЈЧИНО – СЕЛСКИ ТУРИЗАМ НА ПРЕСПАНСКИОТ БИСЕР

Селото Брајчино е едно од најубавите села во Преспанскиот регион. Се наоѓа на Балтан Планина. Низ него тече и реката Балтан.

Но, што е Брајчино? Село или туристички комплекс? Ако е село, во овие наши македонски села ретко кој видел ваква добра организираност, одлична обележаност и бескрајна чистота. Ниту едно книвче, ниту догорче на патот. Само бескрајно диво зеленило, жуборењето на Балтан и мирисливиот воздух што ги плени белите дробови. Балтан Планина е полна со нане, мајчина душица, камилица, коприва… во зависност од сезоната, ама зошто Балтан? Легендата вели вака:

“Во дамнешно време, кога тука престојувал некој бег, една девојка, рисјанка, побегнала со еден од неговите војници. Бегот се растрчал да го пронајде војникот и го нашле скриен на планината. Кога го прашале што барал тука, тој им рекол:

– Тука најдов поблаго од мед, повредно од алтан (мед на турски е бал, а злато – алтан).

Значи таа била толку слатка и скапоцена. Оттогаш, како што раскажувале Турците во аскерот, планината се вика Балтан.

Брајчино е едно од најпрекрасните локации во Преспа. Се наоѓа под југозападниот срт на планината Баба, каде што се допира со атарот на селот Бистрица, како и со државната линија на јужниот сосед. Ова живописно место е градено на надморска височина од 1000 метри.

Десетина домаќини на куќи издаваат соби во Брајчино. Тие придонесуваат за развој на селскиот туризам. Старите куќи се обновуваат. Има зошто. Постојано се зголемува бројот на туристи што сакаат да престојуваат во селото. Туристичките агенции поинтензивно го нудат Брајчино не само за организирани посети.  За селото се слуша и надвор од границите. Станува познато во светот. Доаѓаат Американци, Германци, Швајцарци, Норвежани, Данци, Австријци, Словенци… Меѓу нив и дипломати, амбасадори и конзули. Атрактивноста на ова преспанско село е ефект од промоцијата на местото за еколошки туризам. Селото официјално е вброено меѓу туристичките дестинации што негуваат еколошки туризам. Швајцарците помогнаа со донации. Брајчино во 2003 година беше избрано како најпогодно место за ваков вид туризам од сите потпелистерски села.

Своите куќи за гости ги отворија десетина брајчински семејства. Пет-шест од нив нудат спиење со појадок, а уште толку ручек и вечера. Љубезните домаќини, за секого се со добра дума, за гостите се грижат како за најблиски.

Привлечен е и манастирот со соби за спиење, а неколку жени се ангажирани да приготвуваат македонски специјалитети.

Брајчинците на трпезата сервираат два вида салати, супа и пита за предјадење, а за главно јадење нудат полнети пиперки, сарма или мусака,  чадено месо и, како најголем специјалитет, се предлагаат домашни колбаси, кои во Брајчино ги викаат лукаинци.

Автентичните убавини ги откриваат и домашните гости. Кон врвовите на Пелистер, до Големо Езеро е обележена патека за планинарење, со што на гостите им се овозможува подобро да уживаат во  дарот на природата на овој крај. Обележена е и кружна патека околу селото, која води до сите шест цркви. Дури 95 отсто од гостите пешачеле низ планината.

Пред дваесеттина години една млада невеста од Преспа имала проблематична бременост. Го изгубила бебето. Сонувала сон да го земе стариот нож од црквата Света Петка од Брајчино и цела година да го држи под својата перница. Направила така. Родила од Бога дарувана прекрасна ќерка. Напредувала вртоглаво во секое поле во животот. Луѓето кои се грижат за оваа манастирска црква, не сакаа ништо да кажат за ножот (можеби само на оние кои го сонувале), но рекоа дека и другу луѓе по сон дошле да бараат лек тука. Мајка од Полска за своето болно дете сонила сон и дошла во Брајчино. И постојано доаѓала.

Поради близината до Преспанско Езеро, за љубителите на водата и птиците, интересни дестинации се и островот Голем Град, орнитолошкиот резерват Езерани, како и Подмочани, каде што се наоѓа музејот со најмногубројната колекција на народни носии.

Околината нуди можност за развој на зимско-спортскиот туризам, планинскиот, здравствениот, манастирскиот, со разни активности, како собирање треви, листови и слично, со што перспективно се избегнува масовниот туризам како помалку атрактивен.

Брајчино е царство на традиционални преспански јадења, како ѓомлезе, питулици, тавче – гравче, циронки, пити и мармалади од јаболка и уште многу неверојатни понуди кои ги има само во Брајчино.

Брајчино се фали со сместување во 4 фамилии (23 кревети) и во манастирот Св.Петка (10 кревети), угостителски услуги (традиционални јадења), понудени од 5 семејства или во манастирот Св.Петка, 5 обучени водичи за патеките околу Брајчино и до Големо Езеро, поставени информативни табли, организирано собирање отпад и информации (флаери и брошури, книга со стории за Брајчино, медиумски промоции, мапа за патеките околу Брајчино и до Големо Езеро).

За сите вљубеници во природата ова е одлична локација за одмор и рекреација.. 

Loading