САМОУК АВТОЛИМАР ТЕРА БИЗНИС 15 ГОДИНИ

ИНАЗ

Фирмата Иназ на Зоран Шумкоски веќе 15 години нуди автолимарски и автолакерски услуги. Ориентација им е бојадисувањето на автомобилите, но и замена на делови и исправање на каросеријата на удрените или оштетени автомобили. Сопственикот вели дека бизнисот сам го развивал и се опремил со модерна техника, која обезбедува квалитет. Располага со печка за печење на боите по обојувањето, но и со друг модерен алат за исправање на крилата, шасиите без удирање со чекан или пак пополнување со дебели слоеви кит на други делови од каросеријата. Веќе купил локација за градба на модерен објект на излезот од Прилеп, кај Варош. 

– Не се жалиме. Напредува бизнисот, кој тргна од обична гаража од куќата, откако ја загубив работата во Микрон. Се прошируваме и се остварува стремежот за создавање на добар сервис со голема  комора за фарбање на комбиња, паралелно следејќи ги и усвојувајќи ги новите технолошки достигнувања во оваа бранша. Располагаме со вакуумски апарати за извлекување без оштетување на бојата, современи пиштоли за обојување и печење на бојата во специјална комора со специфична намена – кажува младиот Шумкоски.

Оценува дека муштериите се задоволни. Дека нема измами и импровизации, туку сериозен и перфектен пристап, потврда е повторното доаѓање на истите муштерии. Нивните пофални зборови пак, носат нови муштерии да им се врати во првобитната состојба, стариот или уште посилен сјај на “милениците на четири тркала”, иако биле сериозно оштетени, удрени или хаварисани.

– Се возат понови, побрзи возила, на кои луѓето не беа навикнати, па неизбежни се оштетувања, кои ги санираме. За жал, не може да се најде работник. Бараме постојано добар работник “под дрво, и под камен”. Ем ќе учи занает, ем ќе заработува, само ако е трудољубив. Нема интерес за оваа перспективна професија, која не е посебно физички тешка, но е одговорна зашто демне “товар” да се стигне навреме на преземените обврски кон муштеријата.

Размислуват за проширување во поголем и посовремен сервис.

– Веќе купив плац за градба. Тука е иднината на фирмата. Очекувам да го остварам планот – кажува Шумкоски, кој ги совладал тајните на занаетот самостојно без помош на мајстор, без калфување и чирачење, само со упорност, љубопитност и трудољубивост.

Маката го натерала да бара леб по свој пат и марифет, верувајќи во сопствените способности. Се самовработил со таканаречениот Бранков закон, користејќи три години пребивање на долговите. И сега ги мерка  активните владини мерки за вработување на уште еден – двајца работници, зашто смета дека на таков начин ќе имаат полза не само мајсторите, туку и за невработените.  

Фирмата Иназ првин била автомеханичарска работилница. Подоцна се специјализирала за автолакерија, спојувајќи ги двата профила во едно.

НОВ КОЛОР ЗА 500 ЕВРА

Шумкоски обојува со металик квалитетна боја неоштетени возила или со ситни интервенции за 500-600 евра. Доколку има поголеми оштетувања, цената се одредува по фарбањето. Фирмата соработува со сите осигурителни компании со соодветни документи без проблеми. Тоа значи дека ако возилото е осигурано, а е оштетено во сообраќајка, не би требало сопственикот да се грижи за плаќање, зашто зад него стои неговата полиса. 

Loading