ПИОНЕР ВО ПРИВАТНАТА СТОМАТОЛОГИЈА

СТОМАТОЛОШКА ОРДИНАЦИЈА БИСЕР

Две децениското работење со право ја сместува стоматолошката ординација Бисер, од д-р Благоја Бисеркоски, меѓу првите приватни здравствени установи, кои освен со долгогодишното постоење се одликува и со квалитетни професионални стоматолошки услуги кои континуирано им ги обезбедуваат на пациентите.

Десна рака во последните години му се и двете ќерки. Помладата,  Марија е вработена во стоматолошката ординација од јануари 2008 година, поголемата, Билјана, е исто така вработена, но моментно е на специјализација на максилофацијална хирургија во Загреб.

Д-р Бисеркоски работел 8 години во јавното здравство. Претходно го печел занаетот како стоматолог во војска, каде го стекнал најголемото искуство. Работел со сите возрасти и категории на пациенти. Пресудно за да го напушти јавното здравство и отпочне приватен бизнис со внука му, Бенита Данеска, била малата плата.

– Се сеќавам дека од 1-ви до 5-ти земавме плата со сопругата која е лекар. Но, дојде време платите да ни идат само колку за 30 литри бензин, а да не можеме да ја платиме ниту електрична енергија. Тогаш ми пукна “филмот” – вели Бисеркоски.

Признава дека порано било подобро, а сега заработувачката е послаба.

– Сакавме да соработуваме со Фондот за здравство да не биде сиот товар на пациентот. Капитацијата беше 100 денари со тенденција да се зголеми цената за услугите, но по неколку години ја намалија на 35 денари и државата не може да бара квалитетно јавно здравство. Се боревме и кај нас да се направи систем според возраста. Капитацијата не е решение, таа е за паразити и неработници. Има премногу административна работа – изјави, одјави… – вели Бисеркоски. 

Работи сé што е во доменот на стоматологијата, од конзерватива –  пломбирање, вадење заби, лекување на непца, апцеси, мостови, доградби, протези и другите работи.

– Се бориме протезите да одат преку фондовски средства. Дојде време четворица протетичари да опслужуваат 120 000 жители. Од нив барем 20 насто се возрасни, кои имаат бенефиции. На уред се чека за протеза долго време. Приватизацијата најмногу придонесе да се трудиме да добиеме пациент. На времето беше – дојди утре, дојди други ден… Сега не е така. Приватното им олесни на пациентите да можат да добијат квалитетен третман со квалитетна опрема. Набавената опрема е нова и воопшто не се чувствува болка при стружењето заби. Имаше случаи да се вади заб во државна установа без анестезија – вели Бисеркоски.

Планираат проширување на работата штом ќе се врати ќерката од специјализација на орална хирургија. 

Loading