СЛАДОК ЕПИЛОГ НА ИЗБОРОТ ЗА “НАЈ… ” ОД ЗЕНИТ

Се совпаднаа завршувањето на учебната година, Палачинкијадата и изборот на Најученик, Најнаставник, Најодделение и Најучилиште. Минатиот петок сé течеше како подмачкано.

Секое училиште блескаше со изведбите на најдобрите танцови точки. Во меѓувреме учениците, родителите и намерните и ненамерните посетители уживаа на втората Палачинкијада.

ОУ “Добре Јованоски” се покажа како добар домаќин при крунисувањето на најуспешните ученици и наставници. Еден по еден, на бината гордо се редеа прво најучениците, па најнаставниците, најодделението и, за крај, предавањето на “факелот” на Најучилиште до ОУ “Климент Охридски” со директорот Дарко Јовески, врачен од заменик директорот Сокле Митрески од ОУ “Добре Јованоски”, претставникот на ланскиот лавроносец.

Имаше голем број гласови на е-поштата и на Фејсбук страницата на Зенитпетка. Тешко се броеа гласовите, за да се финишира со минимална разлика и да се испишат имињата на годинешните носители на епитетот “Нај” на признанијата. За тие кои “до последниот здив” беа рамо до рамо со победниците, секогаш имаат пак шанса во идната година, која не е далеку, туку за неколку месеци.  Да не очајуваат, да не пуштаат солзи и да не прават плачки, туку пак да ги “засучат ракавите”, загревајќи го столчето и да се потврдат дека годинашните признанија им избегале за милиметар. За сите наградени пишувавме на страницата Петка, а другарчињата, со гласовите, го кажаа своето. Титулата “Нај” е награда за покажаниот успех, но и одговорност да се продолжи со исто темпо и во наредните години. За останатите, Најученикот треба да е пример со кој треба да се поистоветуваат, а и да го надминуваат. Наградените треба да се и стимул за успеси, кои неизбежно ќе бидат откриени. Истото важи и за Најнаставниците. Да претставуваат пример во колективот за човек, кој го дава знаењето “на свој начин”, поинаков од класичниот стил на предавање и оценување, да ги мотивира “скриените жарчиња” да се покажат во вистинско светло и да знае да сака и да создаде клима да биде сакан.

Оваа година, за најученици беа прогласени: Доротеа Дамјановска –  VIII-а од ОУ “Гоце Делчев”, Кирил Лучески – VIII-4 од ОУ “Блаже Конески”, Матеј Костоски – VIII од ОУ “Кочо Рацин”, Ѓорѓи Коцески – VII од ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”, Ана Ѓеорѓиоска – VII-а од ОУ “Рампо Левката”, Бојана Тодороска – VIII-1 од ОУ “Климент Охридски” и Елена Николоска – IV-г од ОУ “Добре Јованоски”.

Најнаставници според гласањето се: Ирена Наумоска од ОУ “Гоце Делчев”, Марија Неделкоска од ОУ “Блаже Конески“, Павлинче Велјаноска од ОУ “Кочо Рацин”, Виолета Проскоска – Велкоска од ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”, Роберт Ристевски од ОУ “Рампо Левката”, Каролина Јовеска од ОУ “Климент Охридски” и Јасмина Миноска од ОУ “Добре Јованоски”. Со најуспешни ученици за Најодделение е избрано V – г од наставничката Даниела Котеска од ОУ “Гоце Делчев”.

На наградените ученици срдечно им честитаме и им посакуваме да продолжат по патеката, трасирана од наставниците, а поддржани од сите служби во училиштата. 

Loading