ЛИДЕР ВОДИ КАЈ УГОСТИТЕЛИТЕ

Разликата во квалитетот на храната, услугата, амбиентот ја откриваат и чувствуваат муштериите со првиот престој и залак во ресторанот Лидер на фирмата “К и Г”, чиј сопственик е искусниот угостител Горан Николоски. Со можеби 20 годишна угостителска заднина, односно печење на “занаетот” на различни објекти, Николоски смета дека посетителите откриваат разлика, која ги привлекува. Кога еднаш ќе стапнат, стануваат заробеници на специјалитетите и на услугата. Тоа е ексклузивитетот.

– Не гледам некоја разлика со останатите објекти. Но посетителите најдуваат елементи кои по првата посета стануваат стандардни муштерии. Наше е да имаме професионален однос, гостите да бидат секогаш задоволни, да ги исполнуваме и најситните побарувања за да заминат со ќеф. Тие, практично, да бидат нашата реклама. Поинаку, ако повеќето од граѓаните не се врат, проблемот е во објектот, во сопственикот, во понудата, која би требало да се открие што побрзо и да се надмине – вели Николоски.

Ресторанот Лидер функционира пет години. Од досегашната пракса, се добива впечаток дека се етаблира на врвот меѓу угостителите за клиенти со префинети барања. Веројатно таква била и интенцијата при именувањето на ресторанот – да биде водечки во еснафот. Со таа девиза, постепено се зацврсти на највисокото место меѓу угостителската фела.

– Според времето во кое се работи, глобално, релативно сум задоволен. Треба да биде нешто подобро, но не е лошо. Првата година беше најдобра, но подоцна се почувствува забраната на пушење во затворен простор. Летно време “нема зима” со отворената бавча, а зиме пушачите мора да излегуваат надвор – вели Николоски.

За специјалитети и менито, велат дека ги следат вкусовите.  

– На Лидер им се водичи муштериите. Тие не знаат да згрешат. Нивните барања се закон, што се почитува тотално. Тие се репер, мерка за успехот или падот. Ако се задоволни сите, ако заминат без ниту една мана или забелешка, тогаш е полн погодок. Во сите домени “тераме” со респект на квалитетот, и тоа до милиметар. Можеби затоа сме урнек, стандард, различен и неколкупати повисок од другите. Особено кај специјалитетите од риби, мускул, тави. Готвачот е стручен и за ширденот – објаснува Николоски.

Лидер е објект каде се организираат и мали свечености. Се прославувале матурски, крштевки и други веселби. Можеби затоа и дел од популарните ѕвезди од естрадата доаѓаат во Лидер при посетата на градот. Така Здравко Чолиќ уживал на македонската кујна, приготвена од готвачите на Лидер. Кога доаѓаат во Прилеп германските амбасадори, секогаш ручаат во објектот на Николоски, познат под прекарот Ганата.

Loading