ОД БРАТСКА ЉУБОВ, ЛЕБ ЗА ПАРИ

ФУРНА “АЛЕКСИМО”

– ПОЧНАЛЕ СО 200, ЗА ДА ПРОИЗВЕДУВААТ СЕГА 2 500 ЛЕБА ДНЕВНО И ИМААТ ДВЕ ФУРНИ

Вредни, сложни и упорни браќа. Тоа се  Жарко и Илчо Илиевски. За нив важи девизата: да не се седи со скрстени раце и безделничи! Туку нешто да се работи. Или како што рекле стари – леб да се вади! А тие, навистина вадат леб! И тоа по домашен традиционален рецепт, згора,  печен на дрва. Фурната Алексимо именувана како кратенка од имињата на нивните првородени ќерки, Александра и Симона, постои веќе речиси една деценија и им гарантира просечен опстанок во време кога условите за живот и бизнис ни малку не се лесни. Успеваат да ја одржат фирмата “Мелстеф Илиевски”.  

Почнале со искуството кое го имале стекнато и двајцата браќа поединечно со работа во фурни низ градов. Печењето на занаетот по туѓи фурни, ги охрабрило да ги засучат ракавите и сами да влезат во бизнисот со белото брашно. Научените тајни на пекарскиот занает, со голема упорност решиле со заеднички сили да земат најпрво фурна под кирија, за сега да имаат дури и две сопствени фурни, од кои освен леб вадат и бели печива. Стартувале прво со 200 парчиња леб дневно, за сега да произведуваат  дури 2 500 векни дневно.  

– Случајно се сретнавме со еден возач кој издаваше фурна под кирија и му реков на брат ми да ја земеме. Тој се двоумеше, мислејќи дека ќе има многу работа и ризик. Првите денови не се нафаќаше, и сам ја зедов, а после тој се приклучи. Почнавме со позајмица со камата. Направив математика и решив да го купувам брашното и пик-ап купив за транспорт. Сите работевме, фамилијарно. Знаевме што правиме и како да го правиме. Така од 200 леба стигнавме на 2 500 леба дневно – вели постариот брат, 35 годишниот Илчо Илиевски.   

Фурната прво била кај ОУ “Гоце Делчев”. Ветер во грбот им дал и дедото на Жарко, Митре Грнчески од фурната “Антомос”. После четири години, направиле нова фурна во Сточен пазар. Сега печат во две.

– Количината ја постигнавме со квалитет кој постојано го одржуваме. Лебот го разнесуваме низ маркетите во градов и низ околните села. Нам ни е доволен овој пазар, оти ризично е да се шириме во други градови. Другата ја направивме за потопол да биде лебот на сабајле. Една нема капацитет за побарувачката. Сега кај 5 – 6 часот наутро има леб.  Почнуваме да работиме во 7 часот навечер. Сабота не работиме, недела од ручек. Работава е макотрпна. Неколку години работевме и во сабота, ама многу беше заморно. Јас правам леб, а  брат ми е мајсторот за белите  печива – вели 34 годишниот Жарко Илиевски.  

Со покачувањето на цената на брашното и дополнителните трошоци, едвај им излегува есапот. Ако се намали цената на брашното, како што се предвидува, очекуваат олеснување во услови на големата нелојална конкуренција.

Засега не размислуваат за проширување на пазарот, иако се обиделе да продрат на битолскиот. Ангажираат работници за цепење дрва, печење, шофер за транспорт, но и тие постојано се со рацете во тестото.

Освен леб мек како душа, а печен на дрва, од фурната “Алексимо” излегуваат и вкусни буреци, кифли, ѓевреци и киснати теста. 

Loading