ПРИЛЕП ВИА ПАРИЗ

ИМПРЕСИИ ОД ЕДНО НЕЗАБОРАВНО ПАТУВАЊЕ

Од пред Т.А. БРАН автобусот ги затвора вратите, полн со 50-тина патници од кои и 20-тина деца. Се збогуваат со престолнината на Крали Марко, со Прилеп да отпатуваат до Париз, до столицата на многу кралеви, ама и град на светлоста, уметноста, љубовта… Следниот ден автобусот ги “растовари” патниците во Милано, да се расшетаат низ градот на модата, оперските мајстори – Верди, Белини, Пучини, Калас…, чии бесмртни арии, чиниш ечат од неугледната надворешност на зградата Ла Скала. Додека “паѓаат” фотографии пред споменикот на Леонардо да Винчи, наспроти Скала и близу до најстариот и најубавиот европски трговски центар (кој е повеќе од тоа, зашто денес е музејски антиквитет, оти бил ПРВ), додека гладните гулаби ја надлетуваат прекрасната Катедрала што потсетува на вешто тантелена убавица. Ноќта над Милано веќе ги шири крилјата да го избрка и овој ден кон ризницата на минати дни. Уморени и гладни се исполнуваат масичките од пицериите. Слично на Итар Пејо, се најадуваме од мирисот на чудесно убавите италијански печива што ги чекаме да се испечат. Времето, ноќно, во Милано лета.

Автобусот во утрински јуриш кон Швајцарија. Се рашириле Алпите наоколу, се белее Мон Блан со снегот што му стои како капа, чкрапаат фотоапаратите да ги овековечат прекрасните пејсажи… Најдолгиот тунел под Алпите брзо не преселува од Италија во Швајцарија, во земјата на банките, ама и на млекото, на чоколадите… Булуци крави легнале по недогледните зелени ливади да преживаат во близина на француската граница.

Франција!!! На патот – дупка “ни за лек”! Неосетно минаа километрите до париското предвечерие. А-а-ах!!! П-а-р-и-з!!! Возење до Монмартр, па средба со Мулен Руж, па мачното искачување по 200 скали до црквата Сакр Кер, па средба со необични сурати од безбројните црнци кои се шетаат меѓу сликарите, кои молат да продадат слика за спомен на бесмртниот град… Во мислите се враќа ликот на Тулуз-Лотрек, кој со чашата вино пред себе, полупијан, на салветка ги слика девојките кои играат кан-кан… Се редат Гоген, Модилјани, Дали, Пикасо… Сонот победува полн со ликовите на Жан Валжан и Козета и Квазимодо – од Иго, па Нана и Тереза Ракен – од Зола, па Чичко Горио, Евгенија Гранде… – од Балзак…

Нов ден во Париз, за православните, Црн петок, за тежок пост. Прости ни Боже, ама шетаме со автобусот низ сонуваните улици. Ги гледаме Сорбона, Бастилја, Нотр Дам, Градското собрание на Париз,  па Домот на инвалидите, каде почива Наполеон… Потоа – плоштадите Конкорд, Трокадеро, Египетскиот обелиск, Париската опера… А Сена го носи погледот кон Ајфеловата кула, која измамува и едно бучно – А-а-ах!!! Продолжуваме по Шанзелизе и минуваме низ Триумфалната капија, придружувани уште со погласно – У-у-уф!!! Возбудата кулминира пред портите на Версај…, Анри 14-ти или Кралот Сонце, 50 години ја градел вечната убавина на палатата внатре полна со неискажливо богати слики, теписи, мебел…, а надвор – со недогледно убави градини, водоскоци, скулптури… Шашардисани од раскошот и убавината неуморно се искачивме на Ајфеловата кула. Се откри панорама на недогледно големиот град – Париз. Не останува здив. Можеби од ветрот што фучеше наоколу или од тупотот на нашите срца кои сакаа да ни одлетаат кон птиците како во песната на Едит Пјаф – Под небото на Париз… Следува крстарење по Сена и разгледување на мостовите – Мирабо,Бир-Хаким, мост што погледот го носи кон Алејата на лебедите…, па мостот Алма, мостот на Александар Трети, мостот на уметностите, мостот на заљубените, накитен со безбројни катанчиња, мостот Пон-неф… Мостови, мостови, недобројни… А Сена тече и времето го влече, во неврат го носи… Што да видат очите?! Што да запамети мозокот само за еден час?! Може ли човек да го напушти Париз, а да не понесе во срцето сé досега спомнато и неспомнато за никогаш да не се заборави? Вечерната прошетка по Шанзелизе восхитува со најубавите и најскапите продавници со накит, облека, парфеми… Па, и средбите со безбројните питачи…

Има уште нешто големо, а неспомнато. Лувр, најголемиот музеј на светот ги разигрува срцата.!!! Велат дека се потребни три месеци да се види сé што во себе крие Лувр. А имаме одвај три часа. Ја видовме Мона Лиза и нејзината таинствена насмевка, влеговме во Ришелје, му се восхитувавме на апартмантот на Наполеон Трети, на многуте уметнички дела и…, а-а-ах!!! Толку од Лувр. Попладнето е резервирано за највозбудливиот европски луна-парк – Дизниленд. Со брзиот каубојски воз се очекува средба со Винету или, барем, Џон Вејн…, возење до Карибите исполнето со вресоци од плашливите…, па авантурата со Индијана Џонс од каде брадата на вашата авторка излезе со модринка…, па средба со Петар Пан, Венди, Ѕвездичка…, па пловидба со чамци околу Светот во мало…, па слегување со Верновиот Наутилус 20.000 милји под морето… Најпосле, чудесен огномет што внесе возбуда во душите на патот кон Венеција…

Велигден!!! Христос воскресна и во нашиот автобус! Се кршеа црвени јајца, се пиеше ракија, се пееше… Со чамец, брзо стигнавме во древната Венеција. Ги видовме Мостот на воздишките, Дуждовата палата, Катедралата истоимена со плоштадот Сан Марко, огромната зграда на библиотеката…, тесните улички низ кои, по каналите, пеат гондолиерите… Така, до мостот Риалто, кога се расцепи небото над Венеција и ја истури врз градот, ама и врз нас, водата од сите облаци што којзнае од кај долетаа… Искапани до гола кожа, пак чамецот нé врати во хотелот во Лидо ди Јесоло.

На Ѓурѓовден утрото, автобусот тргна кон дома во атмосфера на  журка. На волшебното патување се славеше роденденот. Се раздени и стасавме во најсаканиот град на светот, Прилеп.

МИРЈАНКА Р. СЕЛЧАНЕЦ

Loading