ДЕСЕТКИТЕ НА ТАЦНА НА ГРАЃАНИТЕ

Павлина Петреска, првенец на Економскиот факултет, ангажирана во локалната самоуправа

“Скромноста им припаѓа на најдобрите”, рекол францускиот филозоф Жил Ренард. Не погрешил. Скромноста е само една од доблестите што ја красат Павлина Петреска, првенец на генерација на Економскиот факултет во Прилеп. Со труд и учење го достигнала тоа што на многу студенти им е сон – просечна оцена од 10. Веќе е магистрант на економија, а локалната самоуправа го препознава знаењето и го награди стекнатото знаење со вработување. Таа доби шанса науката практично да ја стави во служба на граѓаните.

После завршеното средно медицинско училиште, во последен момент одлучила да студира на Економскиот факултет, иако не е континуитет на средното. Но, со трудот и упорноста прикажана во амфитеатрите и надвор од нив, стигнала подалеку од гимназијалците и економистите. На насоката сметководство, финансии и ревизија, од првиот колоквиум сфатила дека не е важно минатото, туку истрајноста за успех во иднината. Почнала да реди десетки, а Павлина вели дека учела само неколку “степени” повеќе отколку во средно. Од 33-те предмети, ниту еден не í бил положен на испит, туку преку колоквиуми. Се трудела, но í успевало, да ја заврши работата што е можно поскоро, па факултетот го завршила за три ипол години. Одличните оценки и овозможиле доста погодности во студирањето, меѓу кои и ослободувањето од партиципација за студирање.

– Ако се сака, сî се може. Додека на колегите им беше тешко сметководството, мене ми беше релаксација, затоа што ја разбрав суштината и го учев тоа што треба. Тој ми беше еден од првите колоквиуми. Кога ги видов резултатите, без еуфорија продолжив со исто темпо. Ниту еден предмет не го сметав за лесен или тежок. На сите подеднакво треба да им се посвети време и учење. Затоа немав “камен за спрепнување”. Секогаш давав сî од себе, но никогаш не атакував намерно на десетка. Тие сами доаѓаа како резултат на вложеното – објаснува Павлина Петреска, на која трудот í се исплатил со понуда за работно место во Локалната самоуправа во секторот финансии.

Иако за десеткашите важи дека се “бубалици”, дека се заклучуваат в соба со месеци, додека не помине испитот, тоа не било стил на учење на Павлина. Со правилна распределба на времето, стигнувала да има активен социјален живот и успех во студиите. Се разбира дека имало колоквиумски недели, за кои е потребен поголем труд и залагање, но никогаш не одела до екстремности за најпосакуваната факултетска оценка.

– Скоро за секој предмет потребна беше подготовка на семинарска работа. Тоа ни ме заплашуваше, ниту ми претставуваше товар. Напротив, за разлика од студентите кои изработуваат семинарски “колку да поминат на ред”, јас гледав како да научам нешто плус, нешто што не беше предавано на часови. Со задоволство ги правев семинарските со доста материјали од книги и од интернет. Ги користев сите ресурси на располагање – кажува 22 годишната Павлина, која со максимална поддршка од родителите никогаш не потклекнала во учењето. Според неа, “озлогласени” се професорите, токму од студентите кои во нив бараат оправдување за сопствениот неуспех.

При студиите, теоријата ја проверувала во праксата во две банки. И од таму доста научила, а со нејзиниот тимски дух, расположение и трудољубивост добила заслужено почитување од вработените. За крај на факултетот, подговила дипломска работа “Буџет на општината”, за која вели додала дополнителна енергија да биде “јагода на шлагот”.

На доделувањето на дипломите, присутен бил и градоначалникот. Штом слушнал дека Павлина Петреска е првенец со просек 10, веднаш ја повикал во канцеларијата на деканот и í понудил работа во општината. Сé уште не е решено во кое одделение ќе работи, но сигурна е дека работното место ќе биде уште една училница, затоа што човек учи додека е жив.

Желбата за учење на Павлина не престанала со добивањето на работата, туку продолжила со запишување на постдипломски студии на истата насока. Сакала да ги пријави сите пет испити наеднаш, но факултетските правила биле дека може да пријави најмногу три во еден семестар. И на магистерските студии досега не “слегува” подолу од 10. По завршувањето на постдипломските, умот уште ќе í биде “далдисан” по науката и учењето да стекне титула, доктор по финансиско работење.

– Трудот секогаш се исплаќа, а резултатите никогаш не заостануваат – заврши Павлина со порака до сегашните и идни студенти, мислејќи не само на учењето, туку и во секое поле од животот.

Проект вреден за поздрав

Моника Звездоска (24) е првоангажираната првенка на генерација од Економскиот факултет во Прилеп што ја добила можноста да работи во локалната даночна управа. Со просек од 9,92, на доделувањето на дипломите, лани добила ветување од градоначалникот Марјан Ристески за вработување во јавната локална администрација. Била пријатно изненадена и возбудена од понудата и едвај чекала теоријата што ја совладала на факултет да ја оствари во пракса.

Рецептот за успех е ист како тој од Павлина, труд, рамномерно распределување на приоритетите и многу учење. Континуираното учење и поддршката од семејството одиграле “лавовска улога” во крунисувањето на  успехот – првенец на генерација.  

И претставувало предизвик да ја оправда довербата на градоначалникот. Затоа од почеток сериозно ја сфатила работата и  успешно ги исполнува работните задачи. За краток период “влегла во колосек” и со помош на колегите од одделението за администрација на приходи стекнала солидни односи.

И недостасува да положи уште еден испит за да стане магистер по финансии. Но, со зборовите на колешката Павлина Петреска, вели дека доколку правилно се распореди, времето допушта сî да се сработи без кусење на социјалниот живот.

Моника и честита на Павлина, со желба да успее како неа. Ја поздравува воспоставената практика од градоначалникот, посакувајќи успех и континуитет.  

 

Loading