ШАХОВСКИ МАХЕР НА СЕДУМ ГОДИНИ

ШАХОВСКИ МАХЕР НА СЕДУМ ГОДИНИ

Матеј Звездакоски има само седум години, а веќе зад него се неколку први и втори места за шах на државно ниво. Додека повеќето  врсници мака мачат да ги напишат првите букви, тој играл шах со мајка му. По малку време почнал да ја победува и почнал потрага по поостар противник. Татко му Кирил и дедо му, не биле на ниво за неговите вештини на таблата со 64 полиња.

Гледајќи го талентот, татко му го запишал во ШК Алкалоид на шест години. И во таа група “малиот Каспаров” немал достоен противник. Менторите го преместиле во повозрасната група од 13 до 18 години. И таму Матеј достојно се носи со двојно повозрасните.

Да игра шах и кога нема човечки противник, родителите се претплатиле на веб страницата со шаховски проблеми, а Матеј решава по 20 до 25 дневно.

Досега освоил прво место на меморијалниот турнир “Руди Алибегов” (до 6 години), второ место на државен натпревар во 2012-та (до 8 години) и најновото, прво место на отвореното првенство за млади од ШК Гамбит од Скопје (до 8 години). Најважно го смета освоеното 15-то место во шаховскиот турнир организиран од Агенцијата за млади и спорт во кој учествувале 39 шахисти до 14 години од цела Македонија. Затоа токми стратегии да биде прв на државно ниво, што ќе му донесе виза за европското и светското младинско првенство за шах.

Многукратни се придобивките од шахот кај децата. Расте концентрацијата, аналитичкото размислување, фокусирањето кон решавање на проблемите, стратешкиот пристап за животни ситуации…

Најголем адут на Матеј е што може без лутење и солзи да претрпи пораз, а да не се откаже. Уште брза во влечење потези, но се труди да размисли по три – четирипати, ако треба за еден добар осмислен потег.

Омилена му е математиката, но го бидува и за ракомет, па можеби ќе се запише во некој ракометен клуб.

Како и да е, ја има целосната поддршка од семејството.  

Loading