Светско, а наше

На уникатен начин, учениците и вработените во СОУ “Ѓорче Петров” го промовираат училиштето. Подготвија календар, на кој секој месец ќе се гледаат по неколку од убавиците од средното. Суредени и дотерани по терк на календарите од автомобилските гиганти, 30 ученици го вткаиле наученото од наставата во 12 страници на промотивниот материјал. Соработници биле фото студиото “Зрак” и конфекцијата “Кули”. Обезбедени со материјали, младите конфекционерки изработиле по неколку различни модели за соученичките, кои се местеле пред блицевите, а за шминката биле задолжени учениците од профилите лични услуги. Ги канализирале талентите директорот Дејан Димкоски и професорката по ликовно Марта Макеска. Биле замаец кој ја поттикнал сета “машинерија”. Учениците најпрво со недоверба го гледале проектот, мислејќи дека не се дораснати, ама со почетокот на фотосесијата, “излегол духот од ламбата”. Расположение, ведрина, храброст, иновативност и убавина, зрачи од секоја страница на календарот. Низ смеа, музика и релаксирана атмосфера, фото -моделите го дале својот максимум. Макеска оценува дека средношколскиот проект бил за неколку класи подобар од професионално изработените со фото-модели од реномираното студио Црнокрак. Кога тоа го виделе учениците, еланот уште толку им пораснал, па храбрите пози се подобри од тие на скопските модели на кои тоа им е работа. Ќе се објават неколку слики од календарот, без намера да се деградираат тие што не се прикажани, затоа што секоја слика има посебен “шмект”. Амбициозниот проект бил создаден за зимскиот распуст. Таман се поврзала забавата со работата. Логистиката ја обезбедило училиштето, идејата професорката, а целосна уметничка слобода им била дадена на учениците кои го понеле на себе “лавовскиот дел”. И во целост успеале, па дури и ги надминале своите очекувања. Календарот е наменет за рекламен материјал за училиштето. Прв е од ваков тип на претставување на можностите и капацитетите на СОУ “Ѓорче Петров”. И на саемот на македонските општини, нашите го “кренале Скопје на нозе” со модните творби и атмосферата што ја создале таму, оставајќи ги скопјани со “подзинати усти”. Покрај промоцијата на училиштето, како позитивен нус-производ се појавила и промоцијата на учениците, фото-студиото и конфекцијата. Дел од фото – моделите дури добиле и понатамошен ангажман од други конфекции во градов. Интерес за одличниот календар покажале и неколку популарни веб сајтови на македонски јазик како Кајгана, Идивиди и Точка. Училиштето ќе ја продолжи соработката со досегашните партнери за развој на учениците. Макеска најави снимање на промотивен спот за СОУ “Ѓорче Петров”, како и интерна модна ревија, штом ќе дозволат временските услови. Училишните ходници веќе се украсени со фотографии од ланските ревии. Идните проекти гарант ќе бидат поамбициозни, поавангардни и подобри, а кругот на соработници ќе расте, бидејќи обострано е задоволството при работењето со учениците. Како што вели поговорката, “Зад добар коњ, прашина се крева”, ќе се зголемува бројот на фирми кои ќе сакаат да помогнат, па и тие да се “качат на караванот на успехот”.

Loading