УТРОТО ПО ДЕНОТ СЕ ПОЗНАВА

Лете, кога е актуелна е жетвата и прибирањето на родот, многу новинари зборуваат за оваа проблематика и го употребуваат изразот – ЛЕБНО ЗРНО. Да се собере и последното ЛЕБНО ЗРНО. По некаква инерција, наместо ЛЕБНО ЗРНО, се користи често изразот – ЛЕБНО ЖИТО. Се разбира, тоа е погрешно. ЛЕБНО ЗРНО може, зашто има и зрна што не се лебни. Но, не постои жито што не е лебно. Затоа, не треба да се нагласува – ЛЕБНО ЖИТО. Се знае дека житото е лебно. А онаа редовна грешка со ЖИТАРИЦИТЕ присутна е и сега. Да не завлегуваме во таа проблематика. Сме кажале дека нема ЖИТАРИЦА, туку единствено – ЖИТО, а во множина – ЖИТА. Новинарка од националните телевизии соопшти дека паѓала вредноста на швајцарскиот ФРАНАК. Слична грешка на онаа што ја слушаме во Собранието. Не еднаш сме чуле да се вели МОМЕНАТ, наместо МОМЕНТ. А швајцарската парична единица е ФРАНК, а не ФРАНАК. Множинската форма ќе биде ФРАНКОВИ. Се допушта и формата ФРАНЦИ. А според правилото едносложните именки во најголем случај имаат наставки ОВИ (ЕВИ). ФРАНК – ФРАНКОВИ, КРТ – КРТОВИ, БРЕГ – БРЕГОВИ и така натаму. Еве го пред нас познатиот водител на една музичка емисија. Познат е и по тоа што секогаш му се поткраднуваат и некои јазични грешки. И оваа вечер остана доследен. Зборува тој со учесниците во весела атмосфера, како што е ред во музичка емисија. Водителот вели дека меѓу учесниците преовладувала позитивна енергија. “Нашата позитивна енергија ќе ја ПРЕБАЦИМЕ и на вас”. Груба грешка. Зошто не вели дека позитивната енергија ќе ја ПРЕНЕСАТ и на нас?! Во конкретниот случај, тоа е најточниот израз. Но, ете, тој си го одбра српскиот збор. Еден спортски коментатор зборува за еден фудбалски натпревар помеѓу “Вардар” и “Работнички”. Безбројпати повтори дека фудбалерите на “Работнички” не успевале да ПОГОДАТ и од најповолни позиции. А ние ги гледаме инсертите и гледаме дека фудбалерите ПОГОДУВААТ, шутираат во голот, но голманот брани. Коментаторот упорно – НЕ ПОГОДУВААТ, па НЕ ПОГОДУВААТ. Но, тој смета дека зборот ПОГОДУВААТ значи – постигнуваат голови. Затоа и головите ги викаат ПОГОДОЦИ и со тоа прават голема грешка. Колку пати сме виделе играчот да шутира точно во аголот што го гаѓал, но голманот брани?! А коментаторот вели дека играчот не ПОГОДИЛ. Сите коментатори, буквално сите, ја прават оваа грешка. Лекторите изгледа не следат спортски натпревари, па нема кој да ја забележи оваа грешка и да им укаже на спортските коментатори. Кога зборуваме за спортските коментатори, да набележиме уште еден случај. Еден таков новинар, ни соопштува дека на некој стадион биле отстранети навивачите и на таков начин им било оневозможено да навиваат за своите ФАНОВИ. Како може тоа така?! Па ФАНОВИ се навивачите, а не фудбалерите. А самиот збор ФАНОВИ ама воопшто не ни е потребен. Имаме НАВИВАЧИ, имаме СИМПАТИЗЕРИ, ЉУБИТЕЛИ. ФАНОВИ не ни требаат. Сосема непотребно се форсира тој збор од сите спортски новинари. Нашите зборови не им се доволни. Тоа е слично како она со ПОГОДОЦИТЕ. За рекламите што ги слушаме на телевизиите и на радиото, сме пишувале повеќепати. Нив ги пишуваат луѓе, недоволно упатени, со многу грешки и така им ги испраќаат на оние што треба да ги емитуваат, а овие пак не интервенираат. Затоа слушаме сé и сешто. Сега се врти една чудна реклама. Се рекламира некое кафе. Веројатно ќе беше “Паскалин”. Најглавната реченица на рекламата гласи – “Утрото по денот се познава”. Ова е некое ново правило во метеорологијата. Обично се вели дека ПО УТРОТО СЕ ПОЗНАВА ДЕНОТ, но еве сега нова теорија – Утрото по денот се познавало!

Благоја Ивчески

Loading