На јаве статуи, накит, керамика…

Вредна археолошка поставка во Завод и Музеј

Нова археолошка поставка која нî води низ времето, просторот и низ историјата е отворена во Заводот и Музеј. Се презентира дел од вредното богатство – керамички садови, орудија од камен и коска, оружје, земјени фигурини, накит, откриени при истражувањата на локалитетите, меѓу кои Врбјанска чука, Маркови кули, Стибера, Трпчева црква, Бонче, Бакарно гумно, Баба, што го поседува Музејот. Поставката ја прогласи за отворена министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, а се претставени артефакти од праисторијата до среден век. Добивме специфична, оригинална изложба значајна и од историски и од археолошки аспект. Единствена е во внатрешноста, низ која се манифестира врвното мајсторство за комбинаторика на експонати. Поставката го соопштува ненаситниот светоглед на заумната и раскошна македонска археологија – вели Гордана Данаилоска – Спироска, директор на Музејот. Изложени се околу илјада предмети. Посебно место има “Системот на жртвеници”, најстариот недвижен објект од пред 8000 години. Жртвеникот е атрактивен, а по формата е уникатен. Ваков објект нема не само на Балканот, туку и во Европа. Има димезии 2 на 4 метри и потекнува од локалитетот Врбјанска чука кај селото Славеј. Случајно бил откриен во 1979. Бил конзервиран, а во 1982 година е донесен во Музејот. Датира од средниот неолит. Пронајден е во култна градба, светилиште, изградена на тумба. Во жртвеникот, обредите ги вршело едно лице во присуство на сите кои живееле во населбата – раскажува археологот Александар Миткоски. Интерес ќе предизвикаат и предметите од македонскиот и римскиот период, особено железниот крст и теракотните бисти на богинката Артемида Енодиа. Дел се откриени на локалитетот Градиште кај Дебреште. Од македонскиот и римскиот период се и постерите , на кои се представени македонските гробници, издлабени во карпа. Тие се уникатна појава. Оригинални се и штитовите на кралот Деметриј, први од локалитетот Старо Бонче – вели археологот Душко Темелкоски. Внимание привлекуваат експонатите од Стибера, локалитет кој последните години е капитален за државата. Изложени се портретни глави, скулптурите на Ефес, на Херкуланка, на Млада девојка, статуите на Бах и на Хермес. Значајно е што на мал простор, како во Стибера,најдени се многу скулптури. Тоа е реткост, која сведочи дека градот бил центар во римскиот период – раскажува археологот Лилјана Кепеска. Министерството за култура оддели 360 илјади денари за опремувањето на поставката. Догодина ќе се подготви и етнолошка поставка.

Репрезентативен македонски објект

– Поставката е силна рефлексија на археолошкото богатство на Прилеп. Таа е одраз на посветеноста и грижата за непроценливите културни вредности и несоборливите факти на наследството што ни го остави историјата. Поставката ќе го доближи времето од минатите епохи кои одминале по Пелагониската рамнина и по овие делови од митската и реална Македонија. Таа ќе биде гордост за граѓаните, но и предизвик за сите посетители кои имаат интерес да се запознаат со богатото културно минато. Репрезентативниот објект е резултат на истражувањата во прилепско – рече министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.

Поставката ненаситен поглед кон археологијата

– Прилеп е ризница на голем број споменични добра. Се збогатува туристичката перспектива и градот претставува привлечна дестинација, покрај меморијалниот музеј 11 Октомври, галеријата на икони, старата чаршија, градскиот часовник, Марковите кули, локалитетите во Мариово, манастирите кај Зрзе, Трескавец и Арахангел Михаил и музејот за тутун – рече градоначалникот Марјан Ристески.

Loading