ШАЦИМАРКАКИС – ИЗБАЦИВАЧ

Насекаде и отсекаде. Грешки, грешки, грешки! На телевизиите, во печатот, на радиото, во Парламентот! Нагрдување и валкање на македонскиот јазик. Да се спушти некој човек со падобран во центарот на Прилеп, во чаршијата, читајќи ги фирмите, тешко дека ќе може да поверува, оти се наоѓа во Македонија. Најголемиот процент од фирмите, не само што се напишани со латиница, туку и на странски јазици. Законот не вели така, ама кој ти гледа закон. Плати си фирмарина, па фирмата ако сакаш напиши ја и на некој јазик од друга планета. И што да се прави?! Сме ги употребиле сите офкања, сите лелеци, сите молби и разочарувања. Останува уште да извикаме: “А, бре Господи, што не си малку пониску”!

На сета мака, човек понекогаш почнува дури и да се забавува. Министерот за здравство на една телевизија најавува построги мерки за хигиената во болниците. Објаснува новинарката и вели дека министерот ќе ги чисти БУБАШВАБИТЕ и ЛЕБАРКИТЕ. Потоа се појави и самиот министер и вели дека во болниците не смее повеќе да има ЛЕБАРКИ и БУБАШВАБИ. Значи, во болниците нема повеќе да има ни БУБАШВАБИ ни ЛЕБАРКИ. Не кажаа на каков начин ќе бидат уништувани овие инсекти. Да не се случи да набават два вида на отров, зашто, евидентно е, дека не знаат оти БУБАШВАБИТЕ се всушност ЛЕБАРКИ. Тоа е истиот инсект. На македонски се вика ЛЕБАРКА, а Србите ја викаат БУБАШВАБА. Но, ете може човек понекогаш да си слуша и да си гледа и ваков сеир.

Во врска со новиот ред во болниците не известија и од кај нас. На болните ќе можело да им се носат само НАПИТОЦИ во оригинална амбалажа. Каде ли го најдоа зборот НАПИТОЦИ?! Именката НАПИТАК е српска. Добиена е од глаголот НАПИТИ (се). Кај нас тоа не може. Од нашиот глагол ПИЕ се добива именка ПИЈАЛАК или ПИЈАЧКА, а од глаголот СЕ НАПИВА – НАПИВКА. Станува збор за НАПИВКИ од секаков вид, па затоа може слободно да се употреби и именката ПИЈАЛАЦИ – сокови, млеко, минерална вода и друго. Ја зеле српската именка НАПИТАК, го исфрлил А и ставил О и добил НАПИТОК (множина – НАПИТОЦИ) и така мислел дека е кажано како што треба. Но, не е така. Треба да биде НАПИВКА или ако се однесува на секаков вид ПИЈАЛАЦИ (што би рекле Србите – ПИЌЕ) тогаш треба – ПИЈАЛАК.

Врти ваму – врти таму, пак за новинарите. Нивниот алат за работа е јазикот и затоа нивните грешки се најмногу видливи.

Требало да се случи во Брисел, во Европскиот Парламент некоја панел дискусија, во врска со новинарството во Македонија. Со објективноста во новинарството. Отпатувала таму група новинари од Македонија со намера да ги критикува состојбите во нашето новинарство и со тоа да ја компромитира Македонија.

Но, отпатува и друга група, со обратна намера, да ја бранат Македонија. И, настана инцидент. На бранителите не им беше дозволено да учествуваат во расправата. Едноставно, беа исфрлени надвор. Главен во сета таа работа беше германскиот Грк, Шацимаркакис.

Се вратија новинарите во Скопје. Објаснуваат дека биле грубо отстранети, речиси, исфрлени. Но, Миленко Неделковски го објаснува тоа “стручно”. Вели дека главен ИЗБАЦИВАЧ бил токму Шацимаркакис.

Ете, Миленко ја брани Македонија! А кога се брани нешто, особено идентитетот, не се избираат средства. Не се избира ни јазикот. Каков сака нека е, важно е да се одбраниме!

Е, бре Господи, да си малку пониско ! …

Благоја Ивчески

Loading