На јаве сите македонски патриоти

Славчо Ковилоски, енциклопедија за македонските револуционери

“Македонија – кратка енциклопедија револуционери” е душевна сатисфакција, оти досега никој не собрал сили за вакво дело. По 60 и кусур години македонска држава, среќен сум што ми успеа, иако сум релативно млад човек”. Вака вели историчарот Славчо Ковилоски, чие дело ќе биде промовирано во понеделник од 19 часот во Библиотеката. Книгата е производ на богатото историско минато и борбите на Македонецот против Османлиската власт. Во одреден момент, борбата резултирала со појавата на Македонската Револуционерна Организација. Се појавиле многубројни чети, составени од прекалени борци против ропството, но и против странските пропаганди. На едно место се собрани и обработени животите и делата на револуционерите од Илинденскиот период. Првпат се нуди преглед на учесниците и борците од создавањето на МРО и Илинденското востание – вели авторот. Забележани се имиња на повеќе од илјада револуционери со преку 400 фотографии. Првпат се изнесуваат податоци и фотографии од некои понепознати револуционери. Со сета физичка и психичка моќ комплетно се оддадов на обработка на материјалите две години. Претставени се биографиите на локалните борци од Дине Абдураман (леринско-костурскиот крај) и Ставре Гогов (Вевчани), па сé до идеолозите на македонското ослободително дело Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Пере Тошев и др. Има и дејци кои оставиле неизбришлива трага во револуционерното движење и во колективната свест, како Никола Карев, Питу Гули, Апостол Петков или Апостол војвода, Јордан Пиперката итн. Консултирав бројни извори и богата библиографска граѓа и литература. Акцент ставив на описите на револуционерите од нивните современици, кои фрлаат нова светлина за нивните физички и психолошки карактеристики. Не сакав да изнесам суви факти, туку енциклопедијата да добие почовечен тон со исказите на современиците. За некои, нивните соборци не штеделе зборови. Тие се опишани и физички и психички. За некои, пак, постојат само оскудни фактографски податоци. На ум ги имав сите области и населени места од Македонија во нејзините граници од пред почетокот на Балканските војни (1912/13 год.), обрнувајќи внимание да бидат застапени рамномерно. Застапени се и жените револуционерки, кои зеле учество во движењето, но и оние жени кои помагале. Дадени се и неколку двојки, односно револуционери кои дејствувале во тандем – истакнува Ковилоски, кој е автор и на книгата за Крал Марко. Енциклопедијата што ја издаде Библиотеката ќе биде претставена во и во Скопје.

Loading