КОЈ ОД КОГО ТРЕБА ДА УЧИ

Во едно средно училиште учениците се подготвуваат за писмена работа по македонски јазик. Пишуваат контролна писмена работа. Некој од учениците треба да прочита што напишал, па потоа да се продискутира. Ја чита една ученичка својата контролна работа. Наставничката се изразува пофално. Наоѓа само една грешка :

– Сето ти е убаво напишано, само таму, при крајот, на едно место си напишала – “МУ ПРЕЧИ”. Поправи го тоа. Треба да гласи – “МУ СМЕТА”, а не – “МУ ПРЕЧИ”.

Ученичката збунета. Знае дека правилно е “му пречи”. Се колеба, бара начин да го објасни тоа:

– Ама наставничке… јас мислам… мислам дека е правилно “му пречи”…

– Слушај што ти велам! – вели наставничката.

– Поправи го тоа, а другото ти е добро.

Што да прави сега кутрата ученичка?! Таа знае што е правилно, но мора да го прифати она што и го вели наставничката. Добро, таа ученичка знае што е правилно, но повеќето не знаат. За нив правилно е она што го вели наставничката. А бидејќи оваа грешка многу често ја слушаме и на други места, тие што не знаат, ќе го прифатат погрешното како точно. И кој ќе ги разувери дека прават грешка, кога така слушаат на телевизија, а така вели и наставничката?!

И така, учениците треба да учат од наставниците, децата од возрасните, а обичните луѓе од интелектуалците. Но, лошо е кога ќе се испомешаат улогите, кога не се знае кој од кого треба да учи.

Еве го, пак пред нас, Парламентот. Собир на луѓе со високо педигре и прекалени патриоти. Една долгогодишна пратеничка објаснува за некои судски случаи и вели:

“Овие предмети стојат како ДАМАКЛОВ МАЧ”.

Почитуваната госпоѓа не слушнала дека во македонскиот јазик е МЕЧ, а не МАЧ. Постои и спортска дисциплина – МЕЧУВАЊЕ. А мечот висел над главата на ДАМОКЛЕ и затоа се вика ДАМОКЛОВ, а не ДАМАКЛОВ. Тој, Дамокле, бил дворјанин, кој живеел во четвртиот век ПНЕ, во Сиракуза. Тогаш крал бил Диониз И. Дамокле постојано го фалел кралскиот живот и велел дека е тој исполнет со многу среќа. Диониз И , за да го докаже спротивното, го поканил Дамокле на една богата гозба. Го седнал опкружен со огромно богатство и раскош. Над главата му обесил еден наострен МЕЧ (не мач) кој бил врзан со коњско влакно, а тоа можело во секој момент да се скине и мечот да падне врз главата на Дамокле. Значи, кралскиот живот, иако полн со богатство, постојано се наоѓа во опасност. Затоа, кога ќе се спомене ДАМОКЛОВ МЕЧ, значи дека е присутна некаква постојана опасност. Пратеничката не мора да ја знае приказната, но треба да знае дека е ДАМОКЛОВ МЕЧ, а не ДАМАКЛОВ МАЧ.

Таа, во еден момент им сугерира на своите колеги дека треба да бидат ДОСТОЈАНСТВЕНИ. Во македонскиот јазик именката е ДОСТОИНСТВО (не достојанство), а придавката – ДОСТОИНСТВЕН и ДОСТОИНСТВЕНИ. Постојат придавки ДОСТОЕН и ДОСТОЈНИ.

Ех, колку ПОДОСТОЈНИ (подостоинствени) би биле кога би си го знаеле нашиот јазик, својот јазик македонски. Тогаш би можеле да ги браниме и со свои зборови (а не со позајмени) и јазикот и идентитетот и Уставот. Тогаш и нашето колнење во народот ќе биде поуверливо. А нашиве избраници гинат за народот. Очите ќе си ги извадат за да докажат кој е поголем патриот. И еве, ни доаѓа на ум песната на Христо Ботев “Патриот” каде првите четири стиха гласат:

“Патриот е – душа дава

За наука, за слобода,

Но, не својата душа, браќа

А душата на народот”…

Досега, во Парламентот, не бевме го чуле зборот ЗАВЕРА. Ете, го чувме и тоа. Во македонскиот јазик зборот гласи ЗАГОВОР, а не ЗАВЕРА. Учесниците во заговорот се ЗАГОВОРНИЦИ, а не ЗАВЕРЕНИЦИ.

Пекај Македонијо! Лелекај!!! Го губиме најважното – јазикот. Го губиме она што не прави Македонци!!

Благоја Ивчески

Loading