ФЛАЕР


Чита нешто соговорникот. Го прашуваме:

– Што е тоа?

– Флаер! – одговара тој.

– Што, што? – препрашуваме.

– Флаер, флаер!

Го земаме листот, а тоа – рекламен плакат. Сега било модерно да се вика ФЛАЕР. Добро, нека му биде и така. Го разгледуваме рекламниот плакат на една фирма што произведува мебел. Убави фотографии од производите. Напишани со убави букви. Но, по обичај, со многу јазични грешки. Она што е напишано има цел да ни ги соопшти имињата на производите, да ни ги дообјасни нивните квалитети и да даде некои други објасненија од комерцијален карактер. Прекрасните фотографии на предметите се дообјаснувани со текст со многу грешки. За ваква работа би требало да се консултираат луѓе што го познаваат убаво македонскиот јазик, а не такви кои мислат дека знаат, а не знаат.

Веднаш паѓа в очи реченицата – “Најефтини цени на душеци во Македонија”. Цените не можат да бидат скапи или ефтини. Тие можат да бидат ниски или високи. Ефтини или скапи можат да бидат производите. Тие производи што имаат ниска цена, тие се ефтини, во случајов – душеците. Може да се каже дека тоа се душеци со НАЈНИСКИ цени или едноставно дека се тоа НАЈЕФТИНИ душеци во Македонија. Вакви грешки слушаме и читаме и на други места. Сме слушале дури да се вели дека производите можат да се купат за ЕФТИНИ ПАРИ, наместо за МАЛКУ ПАРИ. Но, да се вратиме на флаерот.

На фотографиите, убави фотелји. Над секоја, напишано нејзиното име – ФОТЕЉА “Ема”, ФОТЕЉА “Ели” и така натаму. Тука е грешката, не треба да се пишува ФОТЕЉА (со Љ) туку ФОТЕЛЈА. На многу наши луѓе не им е јасен гласежот на буквата Љ. Во нашиот јазик тој изговор не е толку мек како во српскиот и ако графичкиот знак е ист. Во македонскиот јазик буквата Љ се изговара како Л во мека позиција, како Л кога ќе се најде пред Е, пред И, или пред Ј. Како што се изговара Л во слоговите ЛЕ, ЛИ или во ПИЛЕ, ЛИЛЕ. Токму така треба да се изговара и гласот Љ. Е, па, обидете се така да го изговорите во зборот ФОТЕЉА, ќе видите што ќе се добие. Затоа, треба да се пишува ФОТЕЛЈА, а не ФОТЕЉА, како што е БИЛЈАНА, а не БИЉАНА, како што е ЛИЛЈАНА, а не ЛИЉАНА.

Зборот столица го нема во нашиот јазик. Во Речникот е одбележан, но со упатување на стол. Така треба, нашата именка е СТОЛ. Овде, во флаерот, прават некоја чудна разлика. Ако е предметот со наслон, тогаш е СТОЛИЦА, а, ако е без наслон е СТОЛ. На фотографиите се претставени разни СТОЛИЦИ, но и разни СТОЛОВИ. Грешка! Кај нас сите се столови, вакви или такви. Едно време, слушавме реклама, “Ние сме СТОЛИЧАРА”. Значи, произведувале СТОЛИЦИ. А што ќе биде ако произведуваат КАУЧИ? Веројатно КАУЧАРА! Но, да не се оддалечуваме од флаерот. Таму се рекламираат и разни легла, но таму пишува ЛЕЖАЈ, а не ЛЕГЛО. ЛЕЖАЈ – “Сандра”, ЛЕЖАЈ – “Сафари” и така натаму. Има и една пластична ЛЕЖАЛКА. А, зошто тоа да е ЛЕЖАЛКА, а другите да се ЛЕЖАИ? Нека биде и другото ЛЕЖАЛКА, ЛЕГАЛО, ЛЕГЛО. Сето тоа ќе биде поправилно, отколку ЛЕЖАЈ. Но, нема потреба од вакво лутање и барање на најточниот збор. Во македонскиот литературен јазик, утврден е, како норма, зборот ЛЕГЛО.

Сме пишувале за овој проблем и порано. Нема сега да повторуваме. Само накусо. Именките што се добиваат од глаголи, во нашиот јазик, не можат да имаат наставка АЈ. Исклучоците што ги среќаваме, се добиени по книшки пат и по сила на некои неодминливи околности.

Ете така, со рекламниот плакат. Убаво уреден, убави фотографии на уште поубавите производи. Пријатни бои! Но сето тоа нагрдено со јазични грешки.

Благоја Ивчески

Loading