ТРИ СРЕДБИ

Три ненадејни средби. Три различни разговори на иста тема – јазикот. За првата, не можеше да се рече дека беше разговор. Повеќе беше монолог на соговорникот. Но, монологот доста конфузен, испрекинат. Се нервирал човекот што младиве сега, го исчуручиле јазикот. Почнува :

– Што е ова?! На што личи, на секој збор – ЧАО, ЧАО. Абре, какво – ЧАО?! Значи, во кожава ќе си пукнам. Ами, некогаш имаше домаќинлак. Одеше татко ми кај еден, ондека… го знаеш… но, не е важно. Ќе си тргнеме за дома, татко ми ќе рече ЗБОГУМ, а тој – СО ЗДРАВЈЕ СО ДОБРО. А сега – ЧАО, ЧАО. Ако беше навечер, татко ми ќе речеше ДОБРА НОЌ, а тој – ВАША ПОДОБРА. Или, можеби ЛЕКАНОШ, а тој – ВАША ПОЛЕКА. Сега, на идење ЧАО, на одење ЧАО. Колкава кајсија имаше во дворот кај тој што ти кажувам! Огромна. Многу убава ракија вареше од кајсијата. КАЈСИОВАЧА е најубава ракија, да знаеш. Каква комињарка, каква ШЛИВКА. Туку, ај да те оставам, ај БИДИ МИ ПОЗДРАВЕН, да не речам и јас ЧАО како овие сегашниве. Го исчуручија јазикот! Го читам “Зенит”, добро е она што го пишуваш, ама за кого?! За овие што не разбираат ништо, туку само – ЧАО, ЧАО.

Се нервира човекот, го нервира тоа – ЧАО, ЧАО. Така, во нервозата, направи и тој неколку грешки (КАЈСИОВАЧА, ШЛИВКА, БИДИ МИ ПОЗДРАВЕН). Сето тоа се грешки, но тој не знае за тоа. За тоа нека се нервира некој друг.

Вториот соговорник:

– Ми иде да го скршам телевизорот кога ги слушам оние скопјанине на телевизија. Слушам сношти – БУТНИ ГО, БУТНИ ГО ТАМУ. Како може така да се зборува на телевизија?!

– Па тоа и не е некоја грешка – му забележуваме.

– Како не е ?! На телевизија – БУТНИ ГО. Сите зборуваат лошо. Да не е она момчено од една ТВ, што кажува за времето, не можеш да чуеш некое друго убаво зборување.

– Прави тој многу грешки! – му велиме. – Тој вели СУСНЕЖИЦА наместо ЛАПАВИЦА, вели СУМАГЛИЦА, наместо СЛАБА МАГЛА, вели дека времето ќе бидело ТМУРНО, наместо МАТНО или НАМУРТЕНО. Тој вели дека ќе имало магла ДОЛЖ РЕКИТЕ, наместо ПО ТЕЧЕНИЕТО НА РЕКИТЕ ИЛИ ПО РЕЧНИТЕ ДОЛИНИ. Вели дека облаците се НАСУКАЛЕ на планинските врвови, наместо НАЛЕГНАЛЕ, ПРИТИСНАЛЕ, СЕ СПУШТИЛЕ. Прави тој многу грешки.

Му го нарушивме резонот на соговорникот. Го разочаравме со тоа што укажавме на многу грешки од неговиот миленик.

– Добро, можеби јас не сум ЗАПРИМЕТИЛ толку, ама пак тој… овие другиве се бетар. Ептен го расипаа јазикот. И на телевизија и по весницине. Не можеш да прочиташ еден ЧЛАНАК, а да не најдеш грешки. Ужас, – вели соговорникот.

Ете, и тој направи грешки. ЗАПРИМЕТИЛ и ЧЛАНАК не се наши зборови. ЗАПРИМЕТИЛ значи ЗАБЕЛЕЖАЛ, а ЧЛАНАК е НАПИС, СТАТИЈА. Тој не знае за тоа и не го нервира. Ете, многу го нервирало тоа – БУТНИ ГО.

Третата средба. Уште од далеку пријателот вика:

– Ајде сега да те видам! Ти си по јазикот. Кај одиме вака – “Да ја ИСТРАЖИМЕ Македонија”?

– Не разбирам, не знам во што е проблемот?! – му велиме.

– Ее тоа, што го слушаме на телевизија – – “Да ја ИСТРАЖИМЕ”. Да ја ИСТРАЖИМЕ, тоа не е српски?

– Зошто да е српски? – забележуваме. – Нели имаме истрага, нели имаме истражен судија. Колкупати сме чуле дека полицијата ТРАГА по сторителот, дека ИСТРАГАТА е во тек. Имаме именка ТРАГА, множина – ТРАГИ. ИСТРАЖУВАЊЕТО е всушност откривање на трагите, одење по трагите на нешто. Според тоа, изразот – “Да ја ИСТРАЖИМЕ Македонија” си е сосема на место.

Соговорникот го прифати објаснувањето.

И сега, каков ќе биде заклучокот? Грешки – многу. Но мнозина се и оние што ги прават. Секој се нервира за она што знае или што мисли дека е грешка. А што да прави човек што ги забележува сите грешки и се чувствува како бомбардиран со грешки од сите страни?!

Првиот соговорник ќе си пукнел во кожата, на вториот му идело да го скрши телевизорот. Но, решение нема. Од една кожа во друга не се влегува.

Благоја Ивчески

Loading