Смел “Калигула” на сцената

Зоја Бузалковска – режисер

“Калигула” од Албер Ками, во режија на Зоја Бузалковска е новата претстава, која театарот премиерно ќе ја прикаже вечерва од 19.30 часот. Тоа е повод за разговор со режисерот Бузалковска.

Секој текст сам по себе е предизвик. Кој беше мотивот да се одлучите да го поставите ,,Калигула,, на сцената на нашиот театар?

Не верувам дека во моментов постои поактуелен текст за поставување овде и во целиот свет од “Калигула”. Сите одвратни работи што се случуваат околу нас, просто не можеа да не ме испровоцираат да го работам токму текстот на Ками. Тој е пишуван во едно време – невреме, со раѓањето на нацизмот во Германија, непосредно пред, во време и по Втората светска војна. Наоѓам сериозна аналогија со тоа време. Дури, сметам дека сегашноста е уште полоша, бидејќи денес светот има избор и можности да биде подобар, има жестока историја од која може да научи и да ја избегне во иднината, меѓутоа човекот секогаш го избира нечовечниот пат.

“Калигула” е специфичен текст. Што ќе извлечете како поента?

Ками спојува во една точка две познати фази во неговото творештво – “апсурдот на постоењето” и “побунетиот човек”. Се обидов да не ја изгубам првата димензија, но, се разбира, во моментов повеќе ме интересира втората. Тоа е онаа во која Ками зборува за свет во кој трезорот и државната каса се поважни од човечкиот живот, свет на своеволие, на ограбување на народот преку бесконечно многу даноци. Владеењето значи и крадење – ќе рече Калигула. Свет на студен, бесчувствителен грабеж, во кој љубовта е исмеана. Постои само материјалниот интерес, страста за профит и ништо друго. Поради таквата страст гинат луѓе, држави, народи… Човечкиот живот станува безвреден.

“Калигула” е лик, познат по својата ексцентричност и голем деспотизам. Бил познат и како “лудиот”, кој неславно завршил. Каков “Калигула” ќе види публиката?

Калигула е таков лик историски. Но, Ками ни дал еден поинаков Калигула. Неговиот Калигула не е луд. Тој е многу понормален од сите околу него. Неговиот Калигула е очаен од светот околу себе. Неговата борба е пресметка со своеволието преку демонстрација на своеволие. Неговите злосторства се екстракт од сé она што во светот всушност секојдневно се прави, зад привидот на грижа за човекот, привидот на хуманост. Калигула само ги нарекува работите со нивното вистинско име. Им ја лупи маската и им покажува какви се. Тој се обидува преку својата бесчувствителност да му ја врати чувствителноста на светот. Јалова борба, која и самиот ја дефинира како невозможна, но ја спроведува. Не можеме да го оправдаме неговиот метод, но можеме да се обидеме да го разбереме неговиот порив, зашто и самите го имаме.

Како потписник на режијата, каква претстава ќе и понудите на публиката?

Долга и смела. Ќе се обидеме да ја раскажеме приказната за Калигула најдобро што умееме.

За неколку години, вторпат соработувате со театарот. Претходно беше претставата “Таму каде што не сум бил”, текст – праизведба. Што Ве “влече” тука?

Одличната екипа, со која може да се направи смела претстава и може да се остварат идеи кои не се можни во секој ансамбл. Во овој театар сé уште не е умрен ентузијазмот, и покрај тоа што државата секојдневно, систематски се обидува да го убие, со мизерните услови за работа кои ги овозможува, пред сé, во финансиска смисла, но и во недостаток на неопходен кадар. Преку глава ми е од занимавање со банални проблеми во текот на работа на една претстава и од правење од ништо-нешто во театарот, а тоа државата секојдневно го бара од нас. Го бара постојано и од овој ансамбл, и покрај тоа што тој подолго време сериозно се наметна во нашата театарска средина, но, што е уште поважно, и на престижни фестивали во меѓународни рамки. Време е конечно да се коригираат некои работи и Министерството за култура да не работи по инерција, туку да го следи пулсот на секој театар поединечно и вистински, а не лицемерно, и да застане на страната на квалитетот, а не на страната на името на еден театар и неговите заслуги од минатото.

Одбрана екипа

– Во претставата играат Александар Степанулески, Даниела Иваноска, Никола Настоски, Игор Трпчески, Димитар Ѓорѓиевски, Трајче Иваноски, Димитар Црцороски, Зоран Иваноски, Александар Тодески, Милан Секулоски, Најдо Тодески, Андон Јованоски, Наташа Наумоска, Марија Спиркоска – Илијески, Кирил Трпкоски и Надица Ѓорѓијоска. Сценографијата е на Костантин Трпеноски, костимите на Лира Грабул, а музиката е од Цирљуе ду Солеил и е мој избор – вели режисерот Бузалковска.

Loading