ЕДНАЧЕЊЕ ПО ЗВУЧНОСТ

Разни имиња, разни презимиња. Секој има право да се вика како што сака. Поточно, секој има право да го носи името што му го дале родителите или кумот. Сето тоа е точно. Секој има такво право, сепак, само донекаде. А за да биде досекаде, треба да се почитуваат правилата и нормите. Секој има право да се вика како што сака, но нема право да се пишува како што сака, туку како што треба.

Секој има право да се вика ВЕЛЈАН, но нема право да се пишува ВЕЉАН. Секоја жена може да се вика ЛИЛЈАНА, но не смее да се пишува ЛИЉАНА. ЉУПЧО е многу често име во нашава земја, но не треба да биде напишано ЉУБЧО. Сме сретнале и презиме НЕТКОВ, но го среќаваме и погрешно напишано – НЕДКОВ. Дури и, евентуални, странски имиња, треба да бидат подложени на правилата и законитостите на нашиот јазик.

Спомнуваме на една шега. Во младите години, се најдовме на визита на именден, кај наш пријател. Прокоментиравме дека уште нашава генерација ќе ја практикува ваквата традиција. Младиве нема да го прават тоа, зашто ќе немаат имендени. Пријателот, шеговито одговори: “Ќе продолжи традицијата, само ним ќе им доаѓаат на честитање од Америка”. Тогаш навистина имаше голем наплив на американски имиња, под влијание на американските филмови. Џими, Тони, Роберт, беа мошне чести имиња. Сите треба да бидат напишани на наш јазик и според нашите правила.

Имињата што ги наспоменавме претходно – Велјан, Лилјана, Љупчо и презимето Нетков не се странски, но се напишани (погрешно) Лиљана, Вељан, Љубчо, Недков, под странско влијание. Под влијание на српскиот и на бугарскиот јазик. Според нашите јазични правила и законитости, не смеат да бидат така напишани. За буквата и гласот “Љ” треба пошироко образложение, затоа го оставаме за другпат. Ќе се задржиме само на името ЉУБЧО и презимето НЕДКОВ и правилото за едначење по звучност. Ќе цитираме сега дел од Граматиката на Блаже Конески: “Звучна и безвучна согласка во непосреден допир се едначат по звучност: близок- блиска, жежок – жешка, сладок – слатка, сват – свадба, срете – средба. Како што се гледа од примерите едначењето се врши според втората согласка: ако е таа безвучна и претходната се обезвучува, ако е звучна и претходната станува таква”.

Што имаме сега во примериве? Во името ЉУБЧО, се наоѓаат во непосреден допир звучна “Б” и незвучна согласка “Ч”. Според правилото, втората согласка “Ч”, бидејќи е безвучна, треба да ја обезвучи првата и да ја направи “П”. Според тоа, нема да биде ЉУБЧО, туку ЉУПЧО. Ист е случајот со презимето НЕДКОВ. Таму “К” треба да го обезвучи “Д” и да се добие НЕТКОВ.

А што се случува во нашава јазична практика?! Насекаде, во сите медиуми среќаваме напишано – ЉУБЧО. Да го изговориме така не можеме и да сакаме. И самиот носител на името и сите ние изговараме ЉУПЧО и НЕТКОВ. Токму поради тие причини е изведено и правилото. Сите ние, го кршиме правилото, ја нарушуваме законитоста. Сите ние, така да се рече, му го правиме ќефот и го пишуваме така, зашто тој така сакал и имал право на тоа. Сите тука грешиме, поради основната грешка што ја направил носителот на името и го пишува како што не треба.

Рековме дека, секој може да си се вика како што сака, но мора да си го пишува името како што треба. Според нормите на соодветниот јазик. А нормите и законитостите во македонскиот јазик се такви. Не може некој математичар да рече дека пет и пет се дванаесет, само поради тоа што тој сакал така. Се знае дека пет и пет се десет. Исто како што се знае дека “Б” кога ќе се најде пред “Ч” се обезвучува и станува “П” – ЉУПЧО.

Зошто сопственикот си го пишува името така, не не интересира. Дали е тоа грешка на матичарот или има некои други причини, тоа е негова работа. Важно е дека во македонскиот јазик не може и не смее да се пишува така. А постојат административни можности сопственикот да ја поправи грешката кај матичните служби. Вака, не може!

Друго е тоа, што кај нас може секако!

Благоја Ивчески

Loading