“Летот на Ангелот” е насловен класичниот концерт утревечер во ЦК “Марко Цепенков” од 20 часот, посветен на македонската и балканска мега ѕвезда Тоше Проески. На вториот концерт ќе настапат млади солисти и пијанисти од Македонската опера и балет со првенката Славица Галиќ – Петровска. Учесници се Марија Наумовска, Александра Лазарева, Виолета Вучкова, Наде Талевска, Ернес Ибраимовски, Стефан Томашевиќ, Биљана Талеска, Васко Здравков, Теодора Божиновска, Нарциса Тунтева, Андреа Ристоски, Злата Тошеска. Ќе изведат фрагменти од оперите Тоска, Севилскиот берберин, Дон Џовани, Ромео и Јулија… во пијано придружба на м-р Тања Огнаноска. Блескавиот глас на Тоше се лансира низ Балканот од Прилеп, со победата на фестивалот Мелфест во 1996 година. Тој заплива во музичките води и остави неизбришливи траги во историјата на македонската музика. Затоа го организираме овој концерт – велат од Арт 10 продукцијата. Организатор е и меѓународната фондација “Тоше Проески”.