ЌУТЕК МУ Е МАЈКАТА

Зборот (именка) ЦИПА во македонскиот јазик се употребува со две значења. За жал, по обичај, ние многу често го отфрламе овој збор и го заменуваме со српски.

Да го разгледаме првото значење на ЦИПАТА. Тоа се нежните обвивки или прегради. На пример, мозокот е обвиен со мошне тенка и нежна обвивка. Ете таа обвивка се вика ЦИПА. Постојат и други такви обвивки или прегради во организмот кои се викаат ЦИПА или МЕМБРАНА. А многу често слушаме или читаме, таа обвивка да се нарекува ОПНА, наместо ЦИПА. Таквата грешка најмногу ја среќаваме кај луѓето од областа на медицината. Во таа област и најмногу е застапен тој збор, но ете, наместо ЦИПА, медицинарите повеќепати ја употребуваат српската именка ОПНА.

Да видиме какво е другото значење на зборот ЦИПА. И тоа најмногу го слушаме од лекарите и од спортските новинари. Безбројпати сме чуле дека тој и тој спортист требало да ги оперира ПРЕПОНИТЕ. Ете тие, ПРЕПОНИТЕ, на македонски се викаат ЦИПИ. Некои новинари ја насетуваат грешката, чувствуваат дека тоа не е наш збор, па наместо операција на ПРЕПОНИТЕ велат операција на СЛАБИНИТЕ. Но, тоа не е исто. ЦИПИ и СЛАБИНИ се различни места на организмот. Во Малата енциклопедија (српска) детално е објаснето што е тоа ПРЕПОНА (ЦИПА). Едното значење на ПРЕПОНА е ПРЕЧКА, но тоа сега не не интересира. Не интересира објаснувањето на српскиот збор ПРЕПОНА, што на македонски јазик гласи ЦИПА. Во Енциклопедијата пишува дека ПРЕПОНА е дел на телото помеѓу долниот, надворешниот дел од стомакот и горната предна страна од натколеницата. Токму тоа е местото кое на македонски се вика ЦИПА. При поголеми физички напори тука често се јавува кила, а таа се отстранува единствено со хируршка интервенција. Ваквите интервенции се најчести кај луѓе кои се занимаваат со потешки физички работи и кај спортистите. Но, реткост е, голема реткост, да чуеме од лекарите или од новинарите дека некој ќе се оперирал од кила на ЦИПИТЕ. Речиси сите, велат дека тоа ќе била операција на ПРЕПОНИТЕ.

Таму, кај лекарите и кај новинарите среќаваме повеќе грешки. Понекогаш и по малку необични. Неодамна, слушнавме од доктор да ги објаснува причините за смртта на некој човек. А причините биле труење со јаглен моноксид. Објаснува докторот, кажува дека човекот имал вдишено поголемо количество јаглен моноксид. И од тоа добил многу ЈАКА СЛАБОСТ. Замислете, ЈАКА СЛАБОСТ! Ова не треба да се коментира и затоа нема да го коментираме и да ја образложуваме грешката, апсурдноста.

Пред некој ден, една новинарка на една од нашите национални телевизии, не информира дека во едикојаси болница се набавиле нови, современи апарати, и многу други медицински помагала. Меѓу другото, новинарката вели дека бил набавен и нов ОПЕРАЦИОНЕН СТОЛ. Како смее новинар (сега сите новинари се школувани) да направи ваква грешка, ваква глупост?! Зар не знае таа дека српскиот збор СТОЛ на македонски гласи МАСА. Зар не знае дека операциите се извршуваат на ОПЕРАЦИОНА МАСА, а не на ОПЕРАЦИОНЕН СТОЛ. Срамота е новинар да не го знае ова. Срамота е новинар да прави ваква грешка. А сме ја слушале и во други случаи.

Да се чуди човек, што би рекол еден наш познат политички аналитичар. Но, ете, тој пак, не вели дека бил ЗАЧУДЕН, туку бил ЗГРАНАТ. Тој се ЗГРАНАЛ од нешто што го слушнал. А придавката ЗГРАНАТ (српска) значи токму тоа – ЗАЧУДЕН, ВЧУДОВИДЕН. Оваа грешка одамна не сме ја чуле и добро е што е така. Но, еве, политичкиот аналитичар не потсети дека тој збор не е “заборавен”.

Новинар соопшти дека некаде, некои демонстранти полицијата ги УТЕПАЛА, ги здробила од ЌУТЕК. Овие грешки, овие зборови од скопскиот жаргон сме ги читале и во дневни весници.

Многу грешки! Безброј! Само “ЌУТЕК” му е мајката. Белки така ќе се опаметиме!

Благоја Ивчески

Loading