Мистер без прекар пече ракија

Џон Бенон, волонтер од “Мировниот корпус”

Овде секој се мајтапи, а во САД сé е бизнис

Средбата на Истокот со Западот му оставила најсилен впечаток за Македонија на Американецот Џон Бенон, волонтерот од “Мировниот корпус” во Прилеп. Во споредба со мисиите во Јужна Кореа, Мексико и Англија, тука Македонија му се прилепила на срцето. Дури и еуфорично навивал и учествувал во славјето во Прилеп за подвигот на кошаркарската репрезентација. Во соработка со младинската асоцијација “Сега” се осмислило студентско радио “Пулс”, кое треба да се чуе низ етерот за брзо време. Млади анимира на натпреварувачки дух во изработка на мини – видео клипови на темата “Слобода на говорот”. Со тежок американски нагласок, упорно зборува македонски за сличностите и разлики меѓу родниот Чикаго и Прилеп. Пред крајот на двегодишниот престој, објаснува како му “легнал” градот под Марковите Кули. Овде секој се мајтапи. Не е како во Америка, каде сé е главно сериозно и се врти околу работата. Од организиран Американец со дневен распоред за секоја активност, станав “прилепчанец”, кој не мисли од денес за утре. Но, комшиите и пријателите уште не ми дале прекар – вели Бенон.

Град со “мечкари”

Дошол во Прилеп за Прочка. Се збунил и одвај се снашол меѓу маскираните кои го славеле празникот Но, одлично е прифатен од секој прилепчанец. Дури научил да пишува кирилица. Ако го следам ноќниот живот во Америка како овде, ќе станам “зомби” – низ смеа кажа Џон, објаснувајќи дека таму е помирно, а “фештите” завршуваат на полноќ. Со своите “прилепчани” бил на свадби. Научил да игра оро, да го зема под нозе тактот – “две напред – едно назад”. Го бендисува нашата ракија, а прстите ги лижел од храната на скара. Вели дека нашата била подобра од американската. Во обидите да осознае повеќе македонски и прилепски “ритуали”, се впуштил во “авантура” да прави вино од грозје, да пече ракија во казан и да лупи пиперки за ајвар, за кој вели дека е многу вкусен. Ставил пет килограми повеќе, оти не одолевал на тавче – гравче, сарма и прилепско сирење. Бил гостин и на слави и имендени, а за Бадник не одолеал на топлата ракија, која го одржала на студот, покрај бадникарскиот оган. Свадбите се речиси исти како во Америка, само што прилепските се поинтересни со чочекот. Во едно сме исти, сигурно. Возиме на иста страна од улицата – вели Џон, суптилно потсмевајќи се за англиската лева страна во сообраќајот. Првпат во животот бил сведок на обработка на тутун. За одгледувањето на оваа култура имал сознанија од книги во кои се доловувал животот на црнците, какао робови на плантажите со тутун во 19 век во Америка.

Два или три бакнежи

Интересен му бил прилепскиот акцент и начинот на поздравување. Не знам колкупати треба да се бакнам на образ, двапати или трипати. Имав непријатни моменти. Изненаден сум од дијалектите. Во секој, град па и во Прилеп, забележав неколку поддијалекти. Кога дојдов од Куманово, овде како да сретнав друг јазик. Го совладав со комуникација и со многу кафиња со пријатели, а во Америка пиев само едно. Прилепското има посебен шмект – кажува 28 годишниот магистер по Меѓународни односи. Градот го видел и низ необично големиот број обложувалници, кои се забранети во САД, освен во Лас Вегас. Ја пробал среќата неколкупати, ама се разочарал и престанал. На католикот од САД му биле привлечни нашите цркви и манастири, заради историските и културните вредности. Америка нема средновековие, а овде ми застана здивот кога ги видов Марковите кули, манастирот Трескавец и Зрзе. Небаре пловиш низ историјата, небаре филм станал јаве, без актери или доловуваш во слика некоја книга. Тоа е околината на Прилеп – додаде Бенон. Се обидел да остави трага од својот престој. Токмел организација на безбол клуб. Млади научил на основите на традиционалната американска игра, ама немало посериозен интерес, оти скапа била опремата. Пробал да го популаризира и рагбито. И по две години, не ми е јасно зошто фудбалот се вика фудбал во Европа, а сокер во САД – се прашува Џон. Пријателствата ќе продолжи да ги одржува и во САД. Оти смета дека кога ќе испари вкусот на ракијата и ќе избледне аромата на “шопската” салата, ќе остане “да го прогонува” веселиот прилепски дух.

Мајтапџиски дух

– Сериозно се ставаш во опасност во САД, ако некомку му се обратиш со зборовите “кај си цреп” или “кај си будало”. Овде е интересно, оти сите тоа го толкуваат за мајтап и одговараат во иста мерка без да се навредат – рече Џон.

Loading