ЧЛЕНОТ, ПАК ЗА НЕГО

Повеќепати сме пишувале за членот. Еве, повторно. Изоставањето на членот во нашиот јазик е мошне опасна појава, а е толку зачестена. Пред некое време разбравме дека децата Македончиња во Србија ќе се школувале на македонски јазик. Одлично! Ним треба да им се помогне (и сигурно им се помага) од овде, од државава. Но, на една телевизиска емисија видовме голема мермерна плоча поставена на една зграда. Веројатно тоа беше во местото Јабука. На плочата пишува – “ЗДРУЖЕНИЕ НА МАКЕДОНЦИ”. И ете, прво – па погрешно. Не се тоа некоиси неопределени Македонци. Тоа се Македонците од Србија или од определен регион. Именката треба да биде членувана – “ЗДРУЖЕНИЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ”. Тие наши луѓе во Србија не го владеат добро македонскиот јазик. Ете, никој од нашиве патриоти не се погрижил да им објасни. Или, можеби, луѓето од нашиве компетентни институции, не знаат дека тоа е грешка.

Несфатлива е појавата за изоставањето на членот, но уште понесфатливо е што тој се става и таму каде што не треба. Слушајте го Парламентот: “Има збор ГОСПОДИНОТ тој и тој”. Именката ГОСПОДИН, кога оди со име или со презиме, не се членува. И за ова сме пишувале. Но, бидејќи имаме некои сознанија дека на некои луѓе тоа не им е јасно, им создава забуна, ќе се потрудиме да објасниме уште еднаш.

Именките ДОКТОР, ГОСПОДИН, ПРОФЕСОР, ПРИМАРИУС и слично кога одат со име или презиме не се членуваат. Всушност, тоа се именки кои означуваат титули, звања, професија – (ПОП ПЕТРЕ, ДОКТОР ИЛИОСКИ, МАЈСТОР КОЛЕ). Но, не е секогаш така. Треба да се знае во кој случај како е потребно. Ќе приведеме еден импровизиран дијалог.

Еден човек влегува во ходникот на болницата. Среќава медицинска сестра и ја прашува: “Каде можам да го најдам Стојков”?

– Па, Стојков сега помина пред Вас! – одговара сестрата.

– Ама, не! Тоа беше КНИГОВОДИТЕЛОТ Стојков. Јас го барам ДОКТОРОТ Стојков.

– Дојдете со мене. Ќе ве одведам кај ДОКТОРОТ.

Тргнуваат. Одат во кабинетот на ДОКТОР Стојков. Сестрата му се обраќа: “ДОКТОР Стојков, ГОСПОДИНОВ сака да разговара со Вас” – потоа го претставува докторот на господинот: “ГОСПОДИН ПРИМАРИУС ДОКТОР Стојков”!

Човекот влегува, сестрата излегува. Надвор, во ходникот, ја пречекува нејзина колешка и и вели:

– Каде си ти? Оној ГОСПОДИНОН што стои пред вратана, те бара тебе.

Дијалогот заврши. Ќе се задржиме сега на именката ГОСПОДИН, бидејќи таа им создава забуна на недоволно упатените. Велиме дека таа не се членува кога стои пред име или презиме. Но, не секогаш. Именката овде е употребена во сите можни форми. Просторноопределувачка – ГОСПОДИНОВ (овој овде), ГОСПОДИНОН (оној онаму). Употребена е и со општоопределувачка функција – ДОКТОРОТ Стојков, како што е и КНИГОВОДИТЕЛОТ Стојков. Овде именката има атрибутска улога, го дообјаснува субјектот, кажува дека Стојков е ДОКТОР, а другиот Стојков е КНИГОВОДИТЕЛ. Како што гледаме, досега, именката ГОСПОДИН, секаде е членувана. Но, ако таа именка оди со име или презиме не како атрибут, туку е сосема срасната со името, тогаш не се членува.

Ќе го цитираме Благоја Корубин (“Јазикот наш денешен” – книга четврта): “Кога се зборува за таква именка, таа треба да се јавува во помала или поголема мера, како дел, како дополнување на именската ознака… штом е нечленувана оваа именка така и треба да се сфаќа, како дел на именската ознака. Значи, таа станала просто неразделна од името”.

Кога не е со име или презиме именката ГОСПОДИН се членува – “Дојде ГОСПОДИНОТ” или “ГОСПОДИНОВ сака да ве види”. Ако именката ГОСПОДИН стои пред други титули, се членува втората – “Дојде ГОСПОДИН ДОКТОРОТ”. Ако сите титули стојат со име или презиме, никоја не се членува – “Во моментов зборува ГОСПОДИН ПРОФЕСОР ДОКТОР Николоски”.

Во демократските општества се смета дека секој човек е достоен да ја носи титулата ГОСПОДИН. Тоа е придобивка од француските буржоаски револуции. Ние уште не сме свикнале. Уште ни минуваат трпки по телото кога ќе не ослови некој со ГОСПОДИН.

Но… А на луѓето што им е професија да го знаат јазикот, одвреме – навреме треба да си го проверуваат опсегот на видното поле. Тоа може и да се стеснило, без да знаеме.

Прашањето е деликатно, просторов е мал. Затоа, толку!

Благоја Ивчески

Loading