АДРЕНАЛИН ОД ДВЕ ТРКАЛА

Стоматологот Горан Пацаноски страстен вљубеник во мотори

Убаво е чувството кога ќе стегнеш на гаста, но најубаво возење е 120 – 130 км/ч на автопат

Благодарение на сопругата Весна, стоматологот Горан Пацаноски, вози мотор. Таа била иницијаторот за купување на Хондата Варадеро од 100 коњски сили. Желбата и љубовта, која 48 годишниот стоматолог ја негувал од тинејџерските денови, станале јаве со кредитот, подигнат од сопругата. Познатиот специјалист ортодонт, сега може да се види на мотор со кожна виндјакна со амблем, на мото клубот “Рисови”, оти ја сака брзината, возбудата која ја носи ветерот на машината на две тркала. Тој ја урива фамата дека моторџиите најчесто се немиени типови, хулигани и пробисветови. Напротив! Моторот ми го купи сопругата, и тоа со кредит, а јас планирав за догодина – вели вљубеникот во моторите, д-р Пацаноски.

Зиме и лете на мотор

Не оддолеал на шансата да го “наследи” моторот на Борче Чупетре, кој купил БМВ. Првото искуство со моторите го имал во 1981 година, во Германија каде живеел. На 18-тиот роденден зедов дозвола и можев да возам мотор и автомобил. Иако училиштето беше 10 км оддалечено и имавме организиран превоз, бев на моторче зиме – лете. Желбата за мотор ми стана краста, како зависност од цигари, кога и да ги оставиш, секогаш ќе те привлекуваат. Моторите еднаш кога ќе ги засакаш, тешко се одвикнуваш. Планирам да возам до 65 годишна возраст, а потоа може да земам триколка – вели Горан Пацаноски. Признава дека долго тлеела желбата за мотор, На моменти го сопирале семејните, образовните, професионалните обврски. Затоа што татко му му велел дека едно паѓање и рака скршена, значи две – три недели отсуствување од работата. Имал и мотор “Кавасаки” од 500 м3, со која стекнал искуство. Сега со “Хондата Варадеро”, која е патничко ендуро, ужива во возењето. Со контактите со битолчанец, заедно со Симе биле дел од клубот Гардијан Енџелс. Учествувал во Мото турата – Мариово 2009.

Уживање и дружење

Секретар е на клубот Рисови, во кој, покрај 20-тината прилепчани, има моторџии и од Скопје. Разговараат за тоа кој има нова машина, што и како има надоградено, врагдено. Да возиш мотор сам е сосема поинаку, отколку групно, кога се дружиме, ги почитуваме правилата, колегите. Тоа е сржта на групното возење. Без кацига не возам никаде. Тоа е прво и основно правило во клубот, покрај неопходната возачка дозвола, подготвен мотор и почитување на правилата за возење во колона. Убаво е чувството кога ќе стегнеш на гаста 180 – 200 км/ч, но нема доживување, низ околината само поминуваш. Најубаво возење е 120 – 130 км/ч на автопат – вели Пацаноски. Моторџискиот живот е полн со доживувања и забави. Не возел во странство, туку рели низ Македонија, со учество на 300 мотори, во колона од два километри. Управувањето на моторот бара двојно повеќе концентрација од автомобилот. Паднал од мотор и десет дена носел модринки, но не почувствувал одбивност. Редовно носи опрема и облека за дожд, затоа што отвореното небо им е “покрив” над главата додека се во прегратките на природата на уздите од ветрот.

ВТОР РОДЕНДЕН НА “РИСОВИ”

На 11 Октомври, Мото Клубот “Рисови” ќе слави втор роденден со изложба на олдтајмери, преправани кастем чопери, мотори. Собирот на моторџиите ќе биде од 10 – 12 часот во центарот, по што ќе следи прошетка до Крушево, а во 15 часот во Салида е забавата со музика со поддршка на локалната самоуправа. Целта е да се одбележи празникот, да се најде повод за посета на Прилеп и да стане препознатлив по мото собирите како некогаш, кога на овој празник се организираа трки – објаснува Пацаноски. Во “Рисови” има 27 членови. Претседател е Борче Чупетре, а во клубот се и Игор од Матадор, Маџо, Сашо од Витаминка, Блаже и Миле Милчин и др.

ОСЛАБЕЛ 3 КИЛОГРАМИ ВО ЕДЕН ДЕН

Приоритет му е работата, а потоа задоволството му е за викендите да извози мото тура од 300-400 километри. Возењето е напорно. Пред да тргнеме, се измерив и по изминати 500 км, од сабајле до вечерта, ослабев 2,5 – 3 килограми. Бара физичка подготвеност. Моторите се скап спорт. Секое возење не е без 50 – 60 евра. Трошат 5,5-6 литри бензин машините на 100 километри затоа што имаат 100 коњски сили. Ќефот е неверојатен, се споредува со скијање, риболов – вели Пацаноски. Мината недела биле преку Дебар, Маврово, до Радожда и Струга на прошетка заедно со сопругите.

ЗАПАЛЕНИ” И ЌЕРКАТА И СОПРУГАТА

Љубовта кон моторите ја чувствуваат и сопругата и ќерката која знае често да го побара тато да ја земе од гимназија. Важно ми беше сопругата да засака да доаѓа, да види дека не лудуваме, возиме полека. Стекна доверба и ме следи феноменално како сопатник. Секој мото собир е доживување. Сите забави се интересни, сите сме друштвени – вели Пацаноски.

Loading