Приказна за сегашните и идните генерации

,,Меморијалниот музеј 11 Октомври,, со нов лик за 70 години од вооруженото востание

Нов лик ќе добие Меморијалниот музеј 11 Октомври или Участакот за празникот, кога ќе се слави 70 години од вооруженото востание на македонскиот народ, од денот кога пукнала првата пушка. Привршуваат подготовките на уредувањето на Музејот, во кој ќе биде раскажана историјата на Прилеп и прилепско од Илинденскиот период, периодот меѓу двете светски војни, со посебен акцент на 1941 година и настаните од 11 Октомври. Посетителите на отворањето во понеделник ќе се запознаат со новоуредената модерна и импозантна поставка, која автентично и дискретно ќе ги отслика настаните. Ентериерот е современ, а на прв план ќе доминираат изложените предмети. Ќе бидат изложени бројни документи, скици, карти, оружје и воена опрема, Указите за прогласување на народните херои и нивните фотографии. Посебен акцен ќе биде ставен на Повелбата за прогласување на Прилеп за град Херој, до која ќе биде и скулптурата на Тито. Посебен простор има за учесниците, кои го започнаа вооруженото востание на 11 октомври. Светнат е и муралот на НОБ од Борко Лазески. Ќе биде изложена и обновената макета на Участакот, онака како што тој изгледал во 1941 година. На долниот кат ќе биде просторијата која ќе ја отсликува истражната постапка, што се вршела во тогашниот затвор. Минатиот период ќе биде раскажан преку приказна да се добие претстава.

Loading