МОЈСИЕ – МОЈСЕЈ

Пред повеќе години во прилепскиот театар се подготвуваше претставата “Хај-фај”. Авторот мошне познат. Но, сепак, во текстот се провлекуваа и понекои јазични грешки. Ќе споменеме само две – ШИШАЊЕ, наместо СТРИЖЕЊЕ и РУС, наместо РУСИН (државјанин на Русија). На режисерот (како и на многу други) јазикот не му беше најдобрата особина. Му укажувавме на овие грешки. Актерите, за тоа ШИШАЊЕТО реагираат, а за РУС не обрнуваат никакво внимание. Режисерот, по малку нервозен, што му се прекинува пробата за вакви “неважни” работи, вели: “Терајте и читајте како што е напишано”. По неколку дена, за викендот, режисерот замина во Скопје. Тој не верувал дека еден таков познат писател може да не знае за вакви грешки, а таму, едикојси, да знае. Се распрашал “наќутук” во Скопје. По враќањето, уште пред почетокот на пробата вели: “Дај, земете и поправете ги оние зборови. Наместо ШИШАЊЕ, напишете СТРИЖЕЊЕ, а секаде каде што пишува РУС, направете го РУСИН”. Реагиравме само со мала дискретна насмевка. Тој го забележа тоа. Одговорот беше, еден не многу пријатен поглед. Се разбравме. Но, најважното беше што грешките се отстранија.

Во едно друго време, театарот ја подготвуваше пиесата “Арсениј”. Авторот млад и мошне амбициозен. Тој пиесата ја насловил “Арсение”. Веднаш реагиравме. Не може да биде АРСЕНИЕ. Имињата од таков вид, во македонскиот јазик не можат да завршуваат на “ИЕ” или “ОЕ”. На пример – Методија (не Методие), а може и Методи и Методиј. Димитрија не Димитрие), Димитри и Димитриј, Благоја (не Благое) и Благој. Таков е случајот и со АРСЕНИЈА, кој може да биде и АРСЕНИ и АРСЕНИЈ. И денеска ја претпочитаме формата АРСЕНИЈА, но и двете други се можни. Кај АРСЕНИЈ може да има мал проблем со акцентот. Укажувавме на овие работи, поткрепени со аргументи. Режисерот, некако, како да сакаше повеќе да му верува на авторот, а не нам. Ние упорно го браневме својот став. Особено пак, што станува збор за позната, историска личност – АРСЕНИЈА, поглавар на Охридската архиепископија. Авторот не попушта. Повредена му е суетата, а во таква ситуација човекот го вклучува сиот одбранбен механизам. Тој вели: “Ќе ти донесам текст напишан во тоа време и ќе видиш дека пишува АРСЕНИЕ”. Одговараме: “Не може во тоа време (18. век) да биде напишано АРСЕНИЕ. Имињата со таков завршок – “ИЕ”, односно “ИЈЕ” се карактеристични за српскиот јазик – Методије, Димитрије. Но. дури и да најдеш таков текст каде што пишува АРСЕНИЕ, ние треба да го поправиме, зашто е погрешен”. Натегањето веќе почна да се вжештува. Но, како претходниот режисер, и овој, враќајќи се од Скопје, каде, најверојатно, извршил консултација “наќутук”, кажа во почетокот на пробата, дека пиесата ќе се вика АРСЕНИЈ. Борбата заврши. Претставата со тоа име, изигра многупати и се вброи во поуспешните остварувања.

Сега, скоро, гледавме на телевизија драматизација на една народна приказна. Таму како лик се појавува и пророкот МОЈСЕЈ. Но, ете, и тука, и режисерот и актерите не знаеле дека треба МОЈСЕЈ и тие си го викаат МОЈСИЕ. И сега, од тоа прават две грешки. Едно што го изговараат погрешно (Мојсие) друго, сакаат со тоа и да поентираат, да направат некој виц. Имено, актерот кога се претставува, кога вели нешто за себе, тоа го вели малку понеобично – “Мој – си – е, Мој – си – е”, а партнерот му одговара: “Добро де, твој си е, твој си е”. Тоа се повторува повеќепати. Се сака да се изнуди смеа кај гледачите. А тоа, не само што не е духовито, туку дури е и невкусно.

Се играше и една античка претстава во прилепскиот театар. Авторот беше напишан – ТЕРЕНЦИЕ. Реагиравме. Не може да биде ТЕРЕНЦИЕ. Текстот е преведуван од српски јазик. Таму пишувало ТЕРЕНЦИЈЕ. Преведувачот го отфрлил “Ј” и напишал ТЕРЕНЦИЕ. Мислел дека со тоа го решил проблемот. Не знаел дека таа форма е погрешна, без да провери како е во оригиналот и како се транскрибира тоа на македонски јазик.

Актерите почнаа по малку и да негодуваат: “Еве го овој, пак за јазикот ќе се расправа”.

Режисерот, главно, веруваше во нашите забелешки, сепак, посигурно му беше да праша некого “озгора”.

Дојде на проба и коректно кажа дека консултирал некој добар лектор и дека авторот на текстот треба да се пишува ТЕРЕНКИЈ, а не ТЕРЕНЦИЕ.

Добро е ! Победивме!

Благоја Ивчески

Loading