Пензионерката Мирјана има неизмерна љубов кон животните
Околу 500 евра е месечниот трошок за нега на милениците овде и во Австрија
Наутро и навечер во центарот, прилепчани може да ја забележат, се чини најголемата љубителка на животни, прилепчанката чија љубов, особено кон кучињата, за некои сограѓани е можеби и претерана. Тоа е пензионерката Мирјана. Пет-шест пекинезери ги вртка, ги одгледува, ги чува. Дури и со посебен респект им се обраќа, се радува кога ќе ја послушаат да седнат, да станат или доколку зашетаат подалеку од нејзе, кога ќе им свирне, да се вратат. Не ретко ги остава да шетаат и без ремче. Верува дека добро се издресирани и може слободно да потскокнуваат по тревата, трчаат по улицата. Токму ваквата пасија и опседнатост “со булук песови”, го привлекува вниманието. Сакавме да дознаеме зошто ги сака кучињата и како успева да ги одгледува, бидејќи живее во зградата на булеварот Маршал Тито. Прилепчанката Мирјана не открива многу за себе си, не кажува детали за приватниот живот, но затоа со задоволство зборува за милениците со посебни имиња. Живее во Австрија, во Виена, потекнува од стара прилепска фамилија, а повремено е во Прилеп.
Исти, а Мирјана ги распознава
…А за кучињата ни раскажа сé и сешто. Како тие се потомци на пекинезерот Зоро кој починал пред два месеци. По него ја зеле Лили и зеле уште едно куче, бидејќи сакале да имаат мали кучиња. Од четирите кучиња, третото го задржале. Но по окучувањето умрела и Лили и тогаш ја зеле Сара, која се окучила и имала две кучиња и двете ги дале… Тешко е човек да го следи фамилијарното стебло на расата пекинезери, и да разбере за што му кажува пензионерката Мирјана и за кое куче зборува затоа што тие се речиси исти, идентични. А таа си ги распознава. Едната ја вика Сара, другата Бела. Како ли ги разликува?! Сара, Бела… Не може човек панџа да í фати кои се тие кучиња за кои раскажува, но Мирјана сите ги распознава и ги знае. Дури пред објективот на ЗЕНИТ успеа да ги нареди на каменот во паркот, да позираат за фотографирање со што ја демонстрираше својата улога како добар газда. Им подвикнуваше, им свиркаше од време – навреме, за да бидат околу неа и да не се растураат. А од каде толку многу кучиња? Кога имам роденден, ми купуваат куче. По Кони и Сара, пред седум години ми купија куче, а по три години ми го купија Мики кој сега има срча во ногата и не може да оди. А пред четири години ми ја купија Лили…. – раскажува пензионерката Мирјана. Најмногу од сé, нé интересира како успева да ги чува, колку време посветува за шетање, хранење, дали реагираат соседите, бидејќи ги чува во стан. Додека ги шеташе околу фонтаната, минувач ја прашува зошто вртка толку кучиња, а таа вели дека се поарни од луѓето. Многу големи другари се. Кога ќе им речам, се разбираат. Поарни се од луѓето. Ако залаат на комшиите во Австрија, иако имаме двор поголем од декар, каде растрчуваат и ако му смета, ќе нé пријават. Има закони и за кучињата од расата стетфорд дека се агресивни. Член од семејството кој ќе го чува, треба да полага за дресура, да се научи кучето да седи, стои, оди и за едно куче се дава по 200 евра и за 6 кучиња даваме 1200 евра. Имавме кучка од расата стетфорд, и пред година и пол окучи 10 кучиња. Сите се околу мене и сите се со мене. Во Австрија дадовме 4, а овде по телефон ни се јавуваше прилепчанец кој бараше машко и женско куче, но кога дојдов не се јави уште еднаш – објаснува Мирјана.
За домашните не готви, ама за кучињата не пропушта
Таа е на нога уште од 5 часот на утро да им го направи редот на песовите. Вообичаено во мугрите ги шета по паркот, потоа пак околу 8.30 – 9 часот. Потоа јадат сува храна. Купувам и месо од касапите, телешко месо, им варам коски. Ич не ми е тешкотија, да приготвам за нив. Ми се смеат дома и ми велат: “За нас не готвиш, за нив ќе зготвиш!”. Навистина, со задоволство готвам за кучињата! Од кај 9 до 12 часот ги оставам да одморат, да лежат, а јас бркам друга работа. Лесни се за гледање, со мене се од мали. Во станот не е тешко за одржување, но редовно ги изнесувам и не се мочаат внатре. До 4 саатот бев во Штип и оставив едно најлонче, каде мочнале. Комшиите не реагираат, бидејќи не лаат. Сите ги знаат, ги задеваат, никаде не одат без мене, само до паркчето и сами се враќаат само што ќе им свирнам – објаснува Мирјана. Двата големи стетфорди не ги пуштала надвор, оти се плашеле луѓето. Ги чувала во станот. Пред некој ден ги дала, а дотогаш ги чувала заедно со петте пекинезери без да се караат. А во Австрија имала и папагал и мачка. Каде и да одам, ги носам без проблем и на граница, оти имаат пасоши, чипови, вакцинирани се редовно. Имам доволно финансиски средства за чување. Секој месец со тие кои ги имам во Австрија ме чинат по 500 евра. Но задоволство ми е. Од сé ќе скратувам, за нив да има. Дури се кај мене, ќе ги гледам – вели Мирјана. Во генот има љубов кон кучињата. И кај синот Франц и как ќерката Елена имаат уште три кучиња. Отсекогаш сакала кучиња, дури и кај татко í гледале кучиња. Сака и мачки, кои понекогаш бегаат од кучињата, а таа и ним им дава храна. Ќе ги чувам дури можам. Без куче не се оставам. Зоро почина и сега веднаш ќе го “надокнадам’. Видов едно пекинезерче и ќе го купам. Дури може да одам, ќе чувам кучиња – вели Мирјана. Зимата ќе ја мине во Австрија, а потоа пак ќе дојде во Прилеп.
ЗЛАТО ЗА КУЧЕ
Специфичен е меракот на Мирјана кон кучињата. Со нив се радува и тагува. Плаче кога се болни, а дава мекици, дури и злато кога ќе се роди ново. Најтешко ми е ако е болно некое куче. Мики го касна вучјак во Австрија и по неколку дена почна да криви, го оперираа, но доби алергија, и “косето” почна да му паѓа. Околу 2000 евра дадовме и остана слеп. Најмногу се радувам кога се мали. Сите адети ги правиме. Кога ќе се окучат,правам питулици, а на ќерката и купив златен накит. Се радувам, најмногу ми е ќеф кога се арни, кога сé во ред – вели Мирјана.