Македонијо, кого си “изабрала” да те брани

Помина конституирањето на новиот Парламент. Според Законот, седницата ја водеше најстариот пратеник. Таа среќа ја имаше Љубисав Иванов – Ѕинго. Стар пратеник и прекален борец за Македонија. Парламентот е македонски. Ѕинго, веројатно знае, дека седницата треба да ја води на македонски јазик. Поточно, тој мисли, дека јазикот што го зборува е македонски.

Почна седницата. Го зазеде Ѕинго највисокото столче во Собранието. Во излагањето, кое, нормално, му го напишале, се гледа дека е добро напишан. Но, не може сé да се напише. Акцентирањето не може да се напише и Ѕинго, сите зборови со три или повеќе слогови, ги читаше на свој начин, да не речеме, карикатурален. Некои зборови, претпоставуваме дека му биле правилно напишани, но тој си ги читаше напамет. Тој вели – “Сите ИЗАБРАНИ пратеници”… Веруваме, дека во текстот е напишано ИЗБРАНИ, но, ете, не се догледува сé. Си тера Ѕинго по свое и којзнае колку пати ја повторува истата грешка.

Се соочува претседавачот и со други проблеми (тој не ги чувствува како проблеми). Имаше потреба, повеќепати да го соопштува бројот на пратениците. Се разбира, тоа не можеле да му го напишат и тој сам, без ничија помош, на “македонски” јазик објаснува дека присуствувале сто ОСАМНАЈС пратеници, гласале сто ШЕСНАЈС. Споменува повеќепати разни цифри. И сто ДВАНАЈС и сто ПЕТНАЈС и така натаму. Тоа што му го напишале го чита како што може, а тоа што е негово го кажува како што знае. А ете, Ѕинго не знае дека не знае и си тера како што си знае.

Во еден момент, за избирање претседател на Парламентот, Ѕинго го цитираше членот 167. Тоа сигурно му беше напишано, но тој што го пишувал, заборавил со кого има работа. Го напишал членот со бројки (167), а не со букви. Ѕинго го чита според својата логика и вели – “Според член сто ШЕЗДЕСЕТ и СЕДАМ”. Не се сетиле да му напишат со букви – “сто ШЕЕСЕТ и СЕДУМ”. Откако заврши гласањето за избор на претседател на Собранието, претседавачот (Ѕинго) се обрати со следниве зборови – “Констатирам дека претседателот на Собранието е ИЗАБРАН”.

Имало Господ, седницата дојде прикрај. Пред обраќањето на новоизбраниот претседател. Ѕинго галантно му дава збор и му вели – “ИЗВОЛТЕ”. Многу беше учтив нашиот претседавач. Мисли дека “ИЗВОЛТЕТО” има поголема важност од нашето – ПОВЕЛЕТЕ.

Остана уште новоизбраниот претседател да даде свечена заклетва. Редот е таков. Претседавачот, Љубисав Иванов – Ѕинго, го читаше текстот од заклетвата, а новоизбраниот претседател треба по него да ги повторува истите зборови. И почнува, претседавачот. Чита, со своето, како што рековме, карикатурално акцентирање, а претседателот повторува. Ама, повторува онака како што му диктира Ѕинго. Почнува дует на погрешно акцентирање. Претседателот, дали свесно или и тој мисли дека е тоа правилно, сите зборови ги повторува со погрешен акцент (или како што би рекол Ѕинго АКЦЕНАТ). Точно онака како што диктира претседавачот, дисциплинирано повторува претседателот.

И ова е дел од нашите жални состојби од секојдневието. Од нашата негрижа за македонскиот јазик што толку многу го браниме. А Љубисав Иванов – Ѕинго е еден од најстарите бранители.

Еј Македонијо, кој ли те брани и како ли те брани!? Гледаш ли какви “ИЗАБРАНИ” бранители имаш?!

Резил и срамотилак! Резил, што се вика Љубисав Иванов – Ѕинго.

Благоја Ивчески

Loading