Со велосипед на патот на срцето

Славко Божиноски поминал илјадници километри на две тркала

По ланската неколку дневна рута од 230 километри од Прилеп за Охрид, преку Кичево и Струга, и назад дома преку Битола, годинава го “освои” Скопје преку, Велес, Катланово и назад

Во дневникот на 57 годишниот прилепчанец Славко Божиноски, кој управува со машината за перење на автомобили во Здружението за возачи пишува дека вози велосипед пет – шест години за да ужива да ги открива убавините на нашата земја, откако срцето му покажало слабост, а докторите му препорачале “бај пас”. Смета дека нема поголемо задоволство од возењето и попатните случки при совладувањето на патиштата, оти душата му се полни, а преку очите, виденото го внесува во срцето. Со велосипедот не доживеал операција. Се повлекла слабоста на кардиоваскуларниот систем. Понекогаш помислува, ама не верува дека лек му е возења на долги релации неколкупати годишно. Многумина се чудат, но не му е важно што не веруваат дека “прегазил со тркала со гума” многу, многу километри. Од планинарењето кое порано му го правело кефот, задоволството го пронашол во велосипедот. На две тркала и со нозете сам минал неколку илјади километри на различни релации. Последната за Скопје и назад, а сега токми да го “освои” Лерин за 24 часа. Нема причина за меракот кон велосипедот, зашто од “авантурите” сé му е убавина, без разлика дали ќе се опули на камен, река, шума… Не знае дека проблемите со срцето, му минале од терапијата или велосипедот. Знае дека пред неколку години докторите од болницата Филип Втори му препорачувале оперативен зафат. Сега се чувствува здрав како дрен. Не возам да бидам виден, нути од тераписки причини. Возам по патот на моето срце. Тоа го сака тоа, а јас му ја исполнувам желбата со љубов. Уживам да го откривам со очите богатото зеленило и шумите, па и исушените полиња во пролет и лето. Запознавам луѓе со различни табиети, различни вероисповеди, националности… Потседнувам и на пиво. Патот врви лесно во одморите со муабет. Возам само на пониски темпетатури на пристојни временски услови. Релациите ги минувам со обичен велосипед, само со подебели гуми, оти патеките не се само асфалтирани. Врвам и прашливи друмови да побегнам од опасноста од автомобилите, но и возачите да не ги доведам во ризични ситуации. Нагорнините ги пешачам да не се заморувам, а на автопатите се “шверцувам”. Малку фалеше да ме казни полицијата на превојот од Велес кон Катланово. Нема заобиколен пат и нужно е движење по автопатот. Во тунелите почекувам да минам пешки, откако внимателно ќе разгледам дека нема сообраќај од двете страни – објаснува Божиноски, кој вели дека своевиден ритуал му е да одмори на местата каде застанувал првпат. Заради убавината на природата, го прекрстарил цело Прилепско, Бродско, Стровија, Крушево, Мариово, Дервен, Велес, па Кичево, Кавадарци, Скопје, Охрид. Ако не е жешко, секоја недела е на две тркала, најчесто за Битола, најмалку пет- шест пати годишно. Не бил гостин во источниот дел од земјава. Пробал еднаш за Штип, но се попишманил. Не му фатил умот со велосипедот. Вели дека е безбедно сам да се вози, а го фатило и невреме и густ сообраќај. На патешествијата не пропуштил да купи мед од попатната тезга кај Пресека на патот од Кичево за Охрид. По ланската неколкудневна рута од 230 километри од Прилеп за Охрид, преку Кичево и Струга и назад дома преку Битола, годинава стасав до болницата Филип Втори во Скопје на лекарска контрола. Ја нареков патот на срцето. Докторите се чудеа од потфатот и од резулатите. Срцето сега е заздравено. Не е од велосипедот, туку од психолошката растовареност, создадена низ патувањето – вели Божиноски. Божиноски нема да се откаже од велосипедот додека го држат нозете и енергијата, оти, по него, не е потребна сила, туку волја, желба за разгледување на богатството на Татковината, во која и каменот му е убав. Се воодушевувал половина час на дрво, изникнато од карпа. Тој не може да оддели некој прекрасен предел, но најсилните импресии му останале од маршрутите за Бистра и на патот за Дебар.

Змии и пци

На долгите патувања, минал со тркалата по змии, среќавал лисици, желки и ежови. Бил мета на збеснети пци кај селото Степанци на стариот пат од Богомила кон Прилеп преку Дервен. Пци го нападнале и кај Барбарас. Куртулив со пластично шише со вода, со кое ги прскав, како што ми кажаа, а кучињата се разбега како опалени од оган – кажува Божиноски дел од непријатните доживувања.

На гробишта во Кичево

Потекнувам од кичевско. Кога возам натаму, првин одам на гробишта да запалам свеќа за братучет ми, а после одам кај своите роднини. Таков тертип создадов и го одржувам на повеќето тури. Таму будам и спомени, кога ќе го посетам селото Малковец, родната грутка на татко ми – вели Божиноски.

Дефект

Се случило да му се скини гума. Носел резервна и успеал да го отстрани проблемот и да продолжи. Надминувал и други ситни технички проблеми на “возилото “. Не се случило да падне и да се повреди од велосипедот.

Пречек како кошаркарите во Мислешево

Кај Струга, во селото Мислешево, мислев да ги изненадам пријателите. Некој од моите им кажал дека доаѓа. Кога стасав, тие ме пречекаа со балони на портите и украсена куќа, небаре доаѓаат кошаркарите на Македонија во Скопје – се шегува Славко.

Loading